На денешен ден пред 116 години аскер и башибозук го опустошила костурското село Смрдеш во Егејска Македонија, поради тоа што го сметале за најкомитско во Костурско, а во 1927 година Грција му го сменила името во Кристалопиги.

Од ова село потекнуваат војводите Васил Чакаларов (1874-1913), Пандо Кљашев (1882-1907) и Стерјо Стерјовски (1876-1905). Почнувајќи од 1900 г. жителите на селото, заедно со жителите на Д’мбени, играле водечка улога во борбите на Македонската револуционерна организација.

Поради тоа од Костур бил испратен засилен војнички одред за да го уништи Смрдеш. На 8 кон 9 мај 1903 г. на селото е извршен ѕверски напад од аксер и башибузок, поради тоа што населението ја криело четата на Борис Сарафов.

Во нападот се убиени 87 жители (45 мажи, 36 жени и 6 деца), запалени се 300 куќи, 2 училишта и 19 дуќани. Притоа ранети се уште 50 луѓе и 35 жени се силувани. Без покрив останале 1.500 жители.

Истата година селската учителка Викторија Михајлова од Прилеп го извезла знамето на Косинската чета. За време на Илинденското востание, селото е повторно ограбено, а многу негови жители се погубени.

Во 1903 г. во куќата на Иљо Истанин, револуционерот Лаки Поповски направил бомболеарница и склад, која по опожарувањето на селото ја преместил во Д’мбени.

Првиот бран на иселување на населението во САД, Канада и Австралија се случил по 1903 г. поради големото обездомување и страшните насилства врз населението. Во 1906 г. во Медисон, Илиноис доселениците од Смрдеш основале добротворно и просветно друштво, наречено „Пандо Кљашев“.

На почетокот на април 1908 г. властите извршиле рација на селото, вршејќи насилства и мачења. Според Ѓорѓи Трајчев, во 1911/1912 г. во Смрдеш имало 209 куќи со 989 жители и работело училиште со 3 учители. Според Георги Константинов Бистрицки, пред Првата балканска војна Смдреш имал 350 куќи, сите македонски. За време на Првата балканска војна, доста жители биле регрутирани за борба на бугарска страна.

Османлиски период

Смрдеш се смета за многу старо село. Според преданијата, настанало од доселеници од Девол (денес во Албанија), кои во Смрдеш се доселиле за да го избегнат малтретирањето од исламизираните Албанци и да ја зачуваат верата. Селото изворно се наоѓало во месноста Селиштето, но подоцна е изградено на друго место поради епидемија на чума. Се смета дека местото го добило името по минералниот извор Смрдлива Вода. Смрдеш првпат се споменува во документите од 1530 година.

Кон крајот на XIX век Смрдеш било прилично големо македонско село со незначителено малку гркомани кои ја воделе месната црква. Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Смрдеш (Smrdesh) било село во Костурската каза со 460 домаќинства и вкупно 1.300 жители Македонци. Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. Смрдеш имал 1.780 жители Македонци. Во патописните пописи, Милош Милоевиќ го завел како село со 240 македонски куќи.

Во селото работеле две странски пропаганди – грчката и бугарската.

Според грчки податоци (поради тоа, сомнителни) во селото имало 190 семејства под врховенството на Цариградската патријаршија и 180 семејства под Бугарската егзархија. Бугарската пропаганда стекнала апсолутна превласт, така што во 1903 г. целото село преминало под врховенството на Бугарската егзархија, како и останатите костурски села.

Според податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. селото имало 2.360 жители, сите под егзархијата.

Припојување кон Грција

Со Букурешкиот договор во 1913 г. селото е припоено кон грчката држава, кога имало 1.488 жители. По Првата светска војна доста жители на Смрдеш се иселиле во Бугарија и во градот Лерин. Така, во 1920 г. населението се свело на 780 жители.

Вo 1927 г. грчката власт го преименувала селото во Кристалопиги, а во 1928 г. повторно се намалило, сега на 598 жители.

Населението на Смрдеш масовно учествувало во антифашистичките борби од 1940 до 1949 г. Селото дало повеќе жртви во Втората светска војна, за подоцна, за време на Граѓанска војна во 1949 г. да биде срамнето со земја од грчката монархистичка власт. Поради ова, сите жители се иселиле во Република Македонија и источноевропските земји, па така во 1951 г. е заведено како напуштено. Преселници имало и во Лерин и во Костур.

Подоцна, грчките власти тука населиле номадски влашки семејства од Теспротија и околината на Превеза, кои се населиле и во соседните напуштени македонски села како В’мбел, Косинец и Д’мбени. Така, во 1993 г. селото е заведено како чисто влашко.

Освен војводите Чакаларов, Кљашев и Стерјовски од Смрдеш потекнуваат повеќе личности кои оставиле белег во историјата. Меѓу нив се македонскиот лекар Гаврил Константинович (Гаврил Костадинов Тасев) (1881-1918), национален деец и учесник во Октомвриската револуција, Лазо Ковачевски – првоборец, Атанас Коровешов (1918-1945) комунистички деец, ракводител на НОФ, Ламбро Чолаков (? – 2001) македонски национален деец, член на Главниот одбор на НОФ за Егејскиот дел на Македонија и секретар на Окружниот одбор на НОФ за Костурско и Преспанско.

Факти за Смрдеш

Селото Смрдеш се наоѓа 51 км југозападно од Лерин и на 38 км северозападно од Костур, во подножјето на планината Орлово, во областа Корешта. Тоа е на надморска височина од 1.130 метри. Три километри од селото се наоѓа границата со Албанија и граничниот премин Смрдеш – Капештица.

Селото припаѓа на општинската единица Смрдеш со седиште во истоименото село, која припаѓа на поголемата општина Преспа, во округот Лерин. Воедно, селото е дел од општинскиот оддел Смрдеш, каде е единственото населено место. Во селото има четири цркви: „Свети Бессребреници“,„Свети Димитрија“ (1870), „Св. Ѓорѓи“ (1890) и „Успение на Пресвета Богородица“ (1970).

………………………….

Преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:

Година            1940    1951      1961     1971     1981     1991    2001    2011

Население      624      0          364      309      265      213      573      314

 

Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија

……………………………

(Подготвил: Д. Г.)