Во Москва се одржа парада по повод 9 мај Денот на победата над фашизмот во Втора светска војна.
На парадата присуствуваше и претседателот на Русија, Владимир Путин, на кого рапорт му поднесе министерот за одбрана Сергеј Шојгу.
Путин честитајќи го 9 мај наведе дека тоа ден на „нашата гордост, тага и безгранична благодарност до заштитниците на татковината кои го скршија нацизмот“.
– Тие војуваа, се трудеа, поминаа натчовечки искушенија и стоеја на страшно место на борба кога требаше. Дадоа се што беше потребно и ја добија таа победа, изјави Путин на почетокот на традиционална воена парада, која секоја година се одржува на Црвениот Плоштад во Москва.
Тој ја повика меѓународната заедница на создавање на единствен механизам за безбедност во борбата против тероризмот, неонацизмот и екстремизмот. Путин истакна дека Русија ќе соработува со сите кои се подготвени вистински да се борат против таквите закани.
– Колективниот отпор на носителите на смртоносни идеи повторно има големо значење. Ние ги повикуваме сите земји да ја сфатат нашата заедничка одговорност за создавање на ефикасно, еднаков за сите, систем за безбедност, истакна Путин.
Тој упати и критика до „низа држави“ кои ги потпомагале нацистите, а денес намерно ги извртуваат историските факти.
На овогодишната парада учествуваат 13.000 војници, повеќе од 130 најмодерни оружја, 74 летала, меѓу кои и еден беспилотен авион и еден беспилотен хеликоптер.
За денешната парада се вежбаше една година.
Парадата на победата во Москва се одржува по истиот модел како првата парада што е одржана во 1945 година, нешто повеќе од еден месец откако капитулира Германија. Со парадата е прославена капитулацијата на Германија. И тогаш парадата се одржа на Црвениот плоштад при што учествуваа 40.000 војници, 1.850 оружја и траеше два часа. Парадата ја подготви маршал Рокосовски, а командант беше генерал Жуков, кој формално ја прими капитулацијата на Германија.