Претседателот на Австрија Александер ван дер Белен по денешната средба со канцеларот Себастијан Курц, се заложи за одржување предвремени избори на почетокот од септември.
Курц вчера на претседателот на Австрија му предложи да распише предвремени избори во најбрз рок. Причина за ваквата одлука е оставката на вицепремиерот Хајнц Кристијан Штрахе, лидерот на Слободарската партија (ФПО), која ја поднесе по објавувањето на видео снимка на која се гледа како на наводна внука на руски милијардер и ветува државни зделки за финансиска поддршка на неговата партија.
Курц и Ван дер Белен денеска околу еден час разговараа за актуелната ситуација која настана по оставката на челниците на ФПО и одлуката на шефот на Владата да ја прекине коалицијата со таа партија.
Во изјавата после состанокот Ван дер Белен се изјасни за одржување предвремени избори на почетокот од септември.
Тој истакна дека мора да се направи се за да се врати довербата на граѓаните.
Курц подвлече дека планира „во мир“ да продолжи да работи до изборите, а се уште не се знае дали министрите на ФПА до тогаш ќе останат во Владата, затоа што ниту тој, ниту претседателот не одговараа на тие прашања.
Канцеларот најави дека наредните денови ќе разговара со новиот шеф на ФПО Норберт Хофер, како и со лидерите на другите парламентарни партии за работата на Владата до изборите.