Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган зборувајќи за купувањето на одбранбениот систем С-400 кој неговата земја го набавува од Русија, порача дека тоа дефинитивно е завршена работа и оти Турција нема намера да прави чекор назад, јави агенцијата Анадолија.

Ердоган во палатата Долмабахче во Истанбул прими студенти од повеќе турски универзитети, а во текот на средбата одговараше на нивните прашања во врска со актуелните случувања. Една од темите која ги интересираше студентите беше и турското купување на рускиот одбранбен систем С-400.

– Кога станува збор за системот С-400 воопшто нема збор за правење чекор назад, бидејќи тоа е завршена работа, порача Ердоган, додавајќи дека системот ќе ѝ биде испорачан на Турција.

– Порано или подоцна ќе ни бидат испорачани бомбардерите Ф-35, но исто така и одбранбениот систем С-400 ќе биде испорачан во нашата земја, ја пренесува Анадолија изјавата на Ердоган.

Турција од 2011 година го интензивираше јакнењето на воздушните одбранбени капацитети поради безбедносните закани во регионот.

По пропаднатите преговори за купување на американскиот противвоздушен систем Патриот, Турција во 2017 година одлучи од Русија да го купи софистицираниот одбранбен систем С-400. Таквиот потег на Анкара предизвика негодување кај Вашингтон.

Низа американски воени функционери и аналитичари бараат од САД да не ѝ ги испорачува на Турција авионите Ф-35 доколку Турција ги добие руските системи С-400. Тврдат дека така Русија индиректно би можела да ги добие клучните параметри за американските бомбардери.

Турскиот министер за одбрана Хулуси Акар рече дека купувањето на рускиот одбранбен систем С-400 за Турција не преставува прашање на избор, туку потреба, пренесува Анадолија.