Воислав Зафировски
Имавме можност да се изнаслушнеме бројни политички флоскули и славопојки за реформите на Управата за безбедност и контраразузнавање, која актуелната власт има намера да ја реализира преку предложените закони за Агенција за национална безбедност и за координација на безбедносно разузнавачките служби.
Сега наеднаш разногласие во нивните редови, министерот Спасовски на една, потпретседателката на СДССМ Ременски на спротивна страна, со бројни предлог амандмани на понуденото законско решение, кои откако не поминаа на Собраниската комисија, се најавува дека ќе се предложат на пленарната седница.
Сепак, моето скромно мислење како некогашен тим лидер на проектот за реформи во полицијата, а подоцна и како проект менаџер на истиот проект, е дека цела таа рашомонијада претставува врв на присутниот дилетантизам во сферата на безбедноста, како и за отсуството на приоритети, како и на стратегија, како истите да ги оствариме.
Поаѓајќи од тоа дека безбедноста на граѓаните е основна претпоставка за нормален, здрав и спокоен живот; дека таа најтесно е поврзана со владеењето на правото и претставува гаранција за правната сигурност на секој граѓанин, без разлика на неговата национална, верска, политичка, полова припадност и не зависно од неговиот социјален статус, неопходно е реформите во оваа сфера да не се прават брзоплето и без визија за функционално поврзан систем од безбедносни служби.
Безбедноста е комплексна сфера во која се преплетуваат различни сегменти од општественото, економското и политичкото живеење.
Моменталните состојби во сферата на внатрешната безбедност најдобро е опишана во една реченица на екс директорот на полицијата од Северна Рајна Вествалија, Ulrich Dugas, кој непосредно после направената функционална анализа на состојбите во Македонската полиција кажа – “Вие имате систем на целосна полициска неодговорност”!
Европската комисија до сега потроши преку петнаесет милиони евра во процесот на реформи во полицијата, но од реформите нема никакакви ефекти, бидејќи, наместо да се следат насоките од Стратегијата за реформи во полицијата, во таа структура силно пенетрира политиката и наместо професионализација имаме целосна партизација; наместо сервис на граѓаните задолжен за спроведување на законот, имаме алатка во рацете на власта за пресметување со нејзините опоненти; наместо професионалци, со секоја чест на исклучоци, имаме збир на партиски кадри со завршено не соодветно образование.
Со еден збор, факт е дека во безбедносните служби нема конзистентна кадровска политика, која се темели на принципите на стручност и компетентност, нема предвидлива развојна кариера. Кадрите се менуваат со доаѓањето на секоја власт, како тие да се поставени или именувани функционери, а не професионалци, што генерално преставува многу опасна и апсолутно не прифатлива состојба, која на подолг рок може да предизвика сериозни последици со несогледливи размери.
Сериозен проблем претставува селекцијата и обуката на кадрите за потребите на безбедноста. Сега не постои систем на одржлива безбедносна едукација. Кадрите за извршното ниво минуваат курс за полициски службеници кој трае една година, од која девет месеци се теоретска настава и три месеци практична обука. Зачудува фактот што покрај големиот број дипломирани криминалисти, кои редовно се пријавуваат во Агенцијата за вработување, службите се преполни со кадар без соодветно образование, со Земјоделски, со Педагошки факултет, со некаква Виша фискултурна школа и какви уште не?!
Системот на внатрешната безбедност треба да биде подготвен да одговори на секој предизвик, по секоја линија на загрозување на националната безбедност, а по сложеност, повеќекратно мултиплициран од кризата и конфликтот од 2001 година. Ако немаме етаблирано таков професионален систем, ако немаме таква соодветна координација во рамките на системот кој треба да одговори на такви сложени предизвици, тогаш како држава, целосно сме потфрлиле, не сме ги реализирале очекувањата и потребите на граѓаните.
Токму затоа во сферата на безбедноста мора да се изгради токму таков систем на служби за безбедност, кои ќе бидат флексибилни и лесно прилагодливи за новите современи предизвици; безбедносен систем кој нема да биде оптоварен со политика, политички пазарења и клиентелизам; систем кој ќе биде ефикасен и ефективен во заштитата на имотот, личната сигурност и слободите и правата на сите граѓани на Република Македонија; систем кој нема да биде обременет со непродуктивна и непотребна администрација; систем кој ќе располага со моќни аналитички и истражувачки капацитети, така што целите кои ќе бидат поставувани пред службите ќе произлегуваат од аналитичко истражните центри, од стручните и компетентни полициски стратези, а не од политичките елити, систем во кој стручните и компетентни кадри ќе имаат предвидлива развојна кариера која ќе е втемелена на мерлив систем.
Исто така тој систем мора да има исклучително силни механизми на експертска, граѓанска и Собраниска контрола и надзор, со јасно дефиниран опсег на надзорот и контролата.
Во креирањето на еден таков сериозен систем на внатрешна безбедност мора да се оди чекор по чекор, применувајќи стандардна методологија која и до сега се применува секаде во светот, се разбира, освен во конкретниов случај кај нас.
Ниту една сериозна реформа во службите кои го сочинуваат безбедносниот систем, не смее да започне без функционална анализа, без компаративни анализи на соодветните служби во опкружувањето, регионот и пошироко, без да се имаат предвид најдобрите европски и светски искуства и практики. Дури потоа може да се оди на креирање на Стратегија за реформи во безбедносниот систем кој секако ги опфаќа и разузнувачките служби, но со јасни цели приоритети и принципи.
Потоа следна фаза е јавната расправа во која нужно ќе биде вклучена целокупната експертска и стручна јавност, НВО, за на крај да се дојде до законско решение, кое претставува правна рамка за имплементација на Стратегијата.
Изборот на концепт и креирање на Стратегија во сферата на безбедноста е работа на искусни правни и полициски експерти, не на тесен политички договор меѓу коалиционите партнери во владата или на ликови застанати во просторот и времето од минатиот век.
Ова сега што се турка како наводна реформа на одредени безбедносни сегменти во случајов на УБК не е и не претставува пристап втемелен на проверени и добри практики, не е пристап кој се базира на стандардни методолошки постапки кои ги детерминираат слабостите во службата, затоа и доаѓа до спротивставени мислења за една таква наводна реформа.
Затоа за крај една сугестија до актуелните властелини, да заборават на своите lucide intervale, нека прашаат некои што ја знаат методологијата на истражување на општествените појави, нека побараат помош, верувам дека ќе ја добијат. Тие ќе ви кажат како и на кој начин да ја вратите изгубената доверба на граѓаните, како да ги искористите постојните научно фундирани алатки за креирање на врвен професионален систем на безбедносни служби кои никогаш нема да бидат генератори на кризи и кочничари на развојот на демократските процеси во Република Македонија. Во спротивно ризикот е голем, а исходот предвидлив, ќе се направи уште една грешка во низата, ќе се предизвикаат штетни последици по безбедноста на граѓаните, последици кои ќе се одразат на вкупниот демократски општествен, економски и политички развој на земјата кои не можат да бидат оправдани со “добрите намери” на неуките политички елити.