Италијанската енклава на брегот на швајцарското езеро Лугано, Кампионе д’Италија се бори за опстанок, откако нејзиниот главен извор на приходи, месната коцкарница прогласи банкрот.
„СОС, Кампионе е мртов” – пишува на огромен натпис обесен наспроти големата десеткатница на казиното во облик на коцка и со затемнети прозорци. Поради банкротот на коцкарницата, 500 жители на гратчето останаа без работа.
– Оние кои имале среќа да се родат тука, имале среќа и да најдат работа, рече Фиоренцо Дориго, кој 21 година работел во казиното. – По колеџот и служењето војска, сите пријатели од основно училиште се вратија да работат во казиното, истакнува тој.
Но, оваа бајка заврши лани во јули, кога Судот во Комо, одговорен за Кампионе, нареди затворање на казиното, бидејќи управата не ги исполнувала своите финансиски обврски кон локалните власти.
Сега следи расправа за тоа како да се спаси гратчето, а некои од идеите се вложување во туризмот и во нови технологии.