Одлуката на Премиерот е парламентарните избори да се одржат на 7 јули поради испитите од државната матура кои завршуваат на 2 јули, рече министерот без ресор на Грција и владин портпарол Димитрис Ѕанакопулос во интервју за грчката телевизија „Алфа“, потврдувајќи ги информациите од утрово за кои веќе објави МИА.

– Навистина, одлуката на Премиерот е изборите да се одржат на 7 јули и ова се поврзува само и исклучиво со фактот дека не сакаме на никаков начин да се наруши одржувањето на испитите, кои како што знаете завршуваат на 2 јули. Поради ова, Премиерот контактираше со Министерот за образование и се согласија дека во оваа фаза она што е најправилно е да одиме на избори на 7 јули, рече Ѕанакопулос.

Министерот без ресор на Грција и портпарол на грчката влада откри дека Алексис Ципрас на 10 јуни ќе го посети претседателот Прокопис Павлопулос, ќе побара од него да се распушти Парламентот и да распише предвремени избори, а земјата на избори ќе ја одведе актуелната, а не службена влада, со единствени промени во министерствата за цивилна заштита и внатрешни работи.