Е, уште луна паркот да го завршиме и комотно можеме да заклучиме дека Скопје блеска. Да да, оној Луна парк кој пред 2 години, го започна претходниот градоначалник Коце Трајановски. Мора да напоменам дека најавениот нов Луна парк всушност не е Луна парк туку забавен парк со навистина оригинално име „Светот“, односно исто е ама не е исто.
Бидејќи Шилегов ги изреализира сите проекти од неговата програма („тунел под Кале“, „зип-лајн“, „Град без смог“, „Скопје вело град“ итн.), а има уште добри две годни до завршување на мандатот одлучил да ги реализира и проектите кои што неговиот претходник немал време да ги заврши, што секако е за пофалба. Сè што е добро и потребно за градот треба да се направи без разлика дали истото е започнато од некоја претходна режимска власт.
Во овој контекст секако дека треба да имаме разбирање за фактот дека Луна паркот кој го најави Петре ќе чини 4,5 милиони евра повеќе од оној кој што го започна Коце, сепак се пројдени две години и нормално е цените да одат нагоре и сè да чини повеќе од претходно. Притоа, мора да напоменам дека овој износ е и со заштедата која е направена со набавката на 7 реквизити од предвидените 24 од страна на претходната власт, инаку би чинел многу повеќе.
Предвидените 11 милиони евра се сосема оправдани и воопшто не станува збор за прескап проект, па нели гледате дека и автопатот Блаце – Скопје од 15 км ќе чини 120 милиони евра за разлика од Миладиновци – Штип од 50 км за кој се потрошија 206 милиони евра?! Образложението е сосема едноставно, оваа власт (централна и локална) едноставно троши повеќе затоа што се обидува да ги направи работите поквалитетни. Сигурно не сте ја заборавиле најскапата Боемска 2 уличка на Жерновски која ја плативме 710.000 евра за само 270 метри, или еден метар 2.629 евра, а сите сме сведоци дека навистина тоа беше една исплатлива инвестиција и дека вреди за секое евро потрошено за овие 270 метри.
Најголем показател дека со должно внимание се пристапува кон секоја реконструкција и инвестиција е да речеме реконструкцијата на мостот „Гоце Делчев“ и улицата „Димитрије Чуповски“ (улицата пред средното училиште Јосип Броз Тито) кои претпоставувам ќе се реконструираат отприлика исто колку и тротоарот на „Васил Главинов“, едно 3 месеца. Не е поентата само да се нашминка туку квалитетно да се работи, а граѓаните секојдневно да сведочат колку труд и пот се вложува во тоа градот убав пак да никне.
Навистина се работи и тоа многу, на сите полиња се вложува максимален труд, и не за џабе трудот е награден и со десетта позитивна односно најпозитивна од сите претходно позитивни препораки за отпочнување на преговорите со Европската Унија, а не со датум за отпочнување преговори, оној кој што го добивме лани за да почнеме да преговараме сега во јуни.
Не, драги мои не сме веќе Медрано, сега сме Луна Парк и тоа сите групно се возиме на ролеркостер во кој безбедносни појаси не постојат и никој, ама баш никој не управува со возењето.
Мартина Антиќ