Министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак оцени дека косовскиот проблем не е толку тежок и може да се реши и дека овој проблем е секако полесен од промената на името како во случајот на „Северна Македонија“.
Единствениот начин за решавање на проблемот е продолжување на дијалогот и меѓународната заедница треба да стори сé за да се дојде до тоа, објасни Лајчак во интервјуто за австриската државна телевизија ОРФ.
Сепак, тој истакна дека меѓународната заедница мора јасно да каже дека верува во дијалогот и да не поддржува повеќе унилатерални акции на која било страна што го поткопуваат дијалогот, потенцирајќи дека таксите воведени од Приштина го закочиле дијалогот.
-Во моментов постои мала доверба помеѓу партнерите во дијалогот, но тој нема алтернатива. Дијалогот решава конкретни проблеми, помага да се воспостави доверба, како и во европските интеграции, објасни Лајчак.
Прашан за противењето на петте членки на ЕУ да ја признаат независноста на Косово (меѓу кои и Словачка), претседавачот на ОБСЕ, нагласи дека позицијата на петте членки на ЕУ, секако, не е причина за проблемот, пренесува Танјуг.
-Ние дозволивме напредок на Косово на европскиот пат. Словачка има добра соработка со Приштина и нам ни доаѓаат политичари од Приштина. Нашиот став не е непријателски, туку е реакција на начинот на кој тие ја прогласија независноста. Словачка не сака Косово да се претвори во „црна дупка” и заедничкиот интерес на сите е Приштина да ги гради европските стандарди, рече Лајчак.
Кога станува збор за идејата за разграничување како решение за косовскиот проблем, Лајчак истакна дека поддршката за разговорите за промена на границата, без продолжување на дијалогот и исполнување на постигнатите договори, нема да биде сериозна од меѓународната заедница. Според него, промената на границите е многу опасна и градењето мултиетнички општества, што е основна идеја за ЕУ, не се постигнува со менување на границите.