Почеста комуникација, како и зголемена заложба за поддршка за градење на капацитите на Агенцијата за разузнавање на Република Македонија денеска побараа членовите на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за разузнавање (АР) и Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и раководниот кадар на Агенцијата за разузнавње.

Како што соопштија од АР, членовите на Комисијата при посетата на Агенцијата се интересирале за безбедносните предизвици со кои се соочува Република Македонија во делот на стратешките определби, глобалните закани и илегалната миграција.

Пратениците констатирале дека е неопходна потребата од дополнително унапредување на законската рамка поврзана со стратегиското следење на комуникациите, како и на Законот за Агенција за разузнавање, со цел поголема компатибилност и ефикасност пред новите глобални и стратешки безбедносни предизвици.

– Раководниот кадар на АР, пред членовите на Комисијата ги презентираше сите сегменти од актуелните безбедносни предизвици врз Македонија и регионот, подготовките за имплементација на обврските кои произлегуваат од полноправно членство во НАТО, тековните оперативни активности на Агенцијата, меѓународната соработка, размената на информации со институциите-корисници на информации во Република Македонија, структурата на вработените, буџетските расходи како и потешкотиите со кои се соочува службата, стои во соопштението