Во македонското народно творештво важно место имаат хумористично-сатиричните песни.
Поради тоа што кај повеќето од овие песни целта е да се предизвика смеа овие песни се среќаваат и како смешни песни. Впрочем со ваков наслов тие се застапени со посебно поглавје и во зборникот на браќата Миладиновци.
Но сепак во некои песни сосема малку има хумор. Некои повеќе укажуваат на недостатоците на човекот, на некои недозволени постапки на разни појави што со во расчекор со јавниот морал. Тие честопати предупредуваат, критикуваат, жигосуваат.
Најразлични се начините на настанување на овие песни. Разни случки од животот на човекот нашле место во овие песни. Разни недостатоци кај одредени личности народниот пејач ги преточувал во стихови кои подоцна доживеале поширока афирмација. Така од благ хумор се оди до жестока критика на низа негативни појави: лакомост, пијанство, мрзеливост итн. И на удар на овие песни најчесто се богатите, оние што го експлоатирале народот, потоа поповите итн.
Не ретко во овие песни се пее за животните или птиците, но очигледно е дека зад нивните односи стои човекот. И кога се пее за „ежот ерген“ и за „мома желка“ очигледно е дека се мисли на луѓето, дека се опеваат односи од средината на нашиот човек.
Попу една, мене две
Попу една, мене две,
поп се срдит, а ја не,
поп си фати патерица,
ја си фатив секирица,
поп помавна ја го удрив,
поп побегна ја се скрив,
тука види кој е крив.
Предите, прелки, предите
Предите, прелки, предите,
да омажиме Дремуша.
Дремуша дремит крај оган,
Дремуша мајке велеше:
– За кого, мајко, за кого?
За кого ќе ме омажиш?
– З’овчара, ќерко з’овчара,
з’овчара ќе те омажам
да јадиш кисело млеко.-
– Нејќум го мајко овчара,
тој имат многу работа.
Туку го сакам орача,
шчо јадит бели погачи,
шчо пиет вино црвено
и прељутана ракиа.
Момче невеста фалеше
Момче невеста фалеше:
– Имам невеста работна
на ден си нишка тегнеше,
в недеља кадеља вретенце,
и во месецот пасменце,
во годината платненце.
Там дека мома предеше,
тешка је дремка нападна,
Бутнала фурка в пепелот,
да легна мома да заспа.
Пустата фурка дренова,
дури се мома разбуди,
пустата фурка никнала,
родила дренки здреани.
Кога се мома разбуди
здрели се дренки назоба.
Невеста момче фалеше
Невеста момче фалеше:
– Имам момче работно
на ден бразда ораше,
во недељата лехичка,
а в месецот погонче,
а в годината нивичка.
Там дека момче ораше,
пуста го дремка нападна,
закачи рало стред нива.
Пустото рало крушево,
дур да се момче разбуди,
пустото рало никнало.
Дало си круши здреани.
Кога се момче разбуди
здрели се круши најаде.
Стани жено, фрк кадеља
Стани жено, фрк кадеља!
Поспи, поспи мили мажу,
змија фучит во кадеља,
смок се вие на вретено.
Стани жено, фрк попара!
Така, така мили мажу!
Бог да прости кој те родил.
И ми стана опелена,
да му сркат фрк попара.
Удрила ме попадиа
Удрила ме попадиа
со колено, по полено,
да ми беше нешчо жена,
жаљба не ми беше.
Обула је ж’лти чевли,
на крастави ноѕе,
опасала свилен појас
на криви колкои.
Шарена Анѓо писана
Шарена Анѓо писана!
Месила Анѓа коматот,
ми го однесла на гумно.
Кркнала жаба в коматот,
сите фатие вилите
попот ми фати шчежерот,
сите фатие в осојот,
попот ми фати присојот,
сите ми велет: Жаба је,
попот ми велит: Мечка је.
Сите дојдое со круши,
попот ми дојде без уши.
Сите дојдое со плочи,
попот ми дојде без очи.
(Подготви Марко Китевски)