Отворање на преговорите за пристапување во ЕУ и добивањето покана за НАТО би дало одлучувачки придонес за успешно спроведување на историскиот договор со Грција и за подобра иднина на македонските граѓани, рече македонскиот премиер Зоран Заев во обраќањето на тема „Кон заедничка европска иднина на Југоисточна Европа – примерот на Македонија“ во австрискиот Институт за меѓународни односи (ОИП) во Виена.
– Македонија направи голем скок напред само за една година, од работ на неуспех кон нашите најголеми аспирации – ЕУ и НАТО. Кога го потпишавме договорот со Грција за решавање на спорот и стратешкото партнерство поместивме планини и не треба да се сомневаме, тоа беше постигнато со нашата чесна желба за подобра сегашност и иднина на граѓаните на Македонија, регионот, Европа и светот, рече премиерот Заев.
Тој посочи дека „чудата се можни кога цврсто веруваме во вредностите“, а тоа, рече, во случајот со Македонија се европските вредности што, како што рече „не поттикнаа да го изложиме целиот наш политички кредибилитет и да бидеме транспарентни, ова е нашиот пат, ние се отвораме кон целата политичка и општествена јавност и затоа напредуваме“.
Новата демократска Влада, рече Заев, по 10-годишен режим, влезе во реформската акција за обнова и развој на демократските вредности, владеењето на правото и правдата, безбедноста на граѓаните и нивната економска стабилност, во обнова на односите со нашите пријатели во меѓународната заедница и во оживување на односите со сите пријатели на Македонија од меѓународната заедница.
– Денес сме подготвени и политички и институционално. Ние сме охрабрени од стратегијата за проширување на ЕУ. Ние ги имплементиравме условите поставени од страна на ЕУ во 2014/2015 година и имаме јасна препорака, рече премиерот Заев.