Кој од двајцата премиери не ја говори вистината за „јакнењето на македонскиот идентитет“, „за македонскиот јазик и македонската нација“ со договорот од Преспа, за смена на името на Република Македонија во Северна.

Дали е тоа премиерот на Грција Алексис Ципрас, со неговата објава на Твитер од пред еден месец или вистината ја заобиколува премиерот Зоран Заев, во неговата објава од пред неколку часа (и често повторувана) на Фејсбук?

– Договорот со Република Грција го потпишавме во интерес на иднината на Република Македонија. Договорот го заштитува македонскиот идентитет. Со договорот, нашето државјанство е потврдено како македонско. Официјалниот јазик на нашата држава е заштитен како „македонски јазик“, без фусноти или додавки, објави Заев на Фејсбук.

Така тврди Заев. Но, минатиот месец, на истата тема пишуваше и Ципрас, но тој на Твитер. Еве што напиша грчкиот премиер, кој ја доби вратоврската од Заев, при потпишувањето на „историскиот договор“:

– Тие инсистираат да лажат дека Грција ја прифаќа македонската нација и јазик со спогодбата, пишува на Твитер грчкиот премиер Ципрас, во врска со „зајакнувањето на македонскиот идентитет“ што Заев и СДСМ го пропагираат кај Македонците и другите граѓани во Република Македонија.

Ципрас натаму додава:

– Употребуваат лукавство, бидејќи многу добро знаат дека никаде во спогодбата (договорот од Преспа, з.н.) нема прифаќање на македонска нација. Има само признавање на државјанство, појаснува Ципрас.

Така објаснува грчкиот премиер, кој се уште не побарал од Заев да му се извини за „лукавството“ што го продава во Република Македонија. Како што тоа го направија бугарскиот премиер Бојко Борисов и претседателот Румен Радев, кои побараа Заев да се извини за неговата изјава дека Илинденското востание било македонско.