Власта се избрука не само со аферата Рекет, туку и во нејзиното разрешување.

Глисерот што полицијата го заплени во Охрид, кој треба да биде доказ во случајот Рекет, е огласен за продажба и не е во сопственост на Зоран Милевски, познат како Зоки Кичеец, објави порталот А1он. Како вистински сопственик се јавува охриѓанецот Марјан Грунчев, кој за порталот тврди дека станува збор за грешка и бара да му се врати глисерот.

– Глисерот е мој, станува збор за некоја грешка дека е на Зоки Кичеец. Пријавив во МВР, поднесов документи и мојот адвокат си ја брка работата. Не знам како може да дојде до ваква грешка,се чудам, изјавува Грунчев.

Грунчев потврдува дека се познава со Кичеец, кој се возел во глисерот, и додава „можеби затоа е дојдено до таква зaaбуна“.

– Глисерот се води на мое име. Ниту сум го купил од Зоран, ниту ништо. За истиот имам потенцијални купувачи, се јавуваат луѓе, вели Грунчев.

Тој ја објавува и цената на огласот која е 50.000 евра и додава дека се наоѓа во Охридско Езеро, иако истиот по заплената е во охридската касарна.

– Продавам глисер „баја марине“, должината е 8,5 а ширината 2,5 метри, силата на моторот е 800 кс. Регистиран, сервисиран и моментално се наоѓа во Охридско Езеро. Комплет со приколка и многу добра опрема. Во одлична состојба“, пишува во огласот.