„Има разни аспекти во кои не можам да навлегувам поради приватност, зашто приватноста ја земаме предвид дури и за лица што ги санкционираме. Сум чула како луѓе велат ’зошто него’. Поточно, еден новинар ме праша ’зошто Кочо, тој е фин човек’. Пак ќе кажам – има многу докази за многубројни случаи, така што не е само `оф, еднаш се лизнав’“, рекла американската амбасадорка Анџела Агелер на денешниот брифинг со неколкумина новинари објаснувајќи зошто токму ексвицепремиерот за економски прашања се најде на американската „црна листа“

Американската амбасадорка Анџела Агелер вели дека ставањето на Кочо Анѓушев на „црната листа“ не се должи на сомневања, туку на многубројни докази за негова вмешаност во коруптивни активности. На денешниот брифинг со неколкумина новинари, таа зборувала за причините зошто ексвицепремиерот за економски прашања во првата влада на Зоран Заев се најде на листата на Стејт департментот, но не открила детали за кои случаи конкретно станува збор. Сепак, рече дека не станува збор за изолиран случај.

Во изминатите 32 години колку што имаме меѓусебни односи, САД издвоија речиси 500 милиони долари за владеење на правото и добро владеење во … Македонија, а гледаме епидемија на корупција во земјата, порачува американската амбасадорка Анџела Агелер.

„Има епидемија на корупција во оваа држава. Таа е во секој сектор, секоја организација, и само со именување на корумпираните актери ние можеме да почнеме да ѝ помагаме на оваа земја да се справи со тоа“.

Агелер оценува дека во последните 10 години има значително зголемување на корупцијата во земјата и вели дека „црната листа“ на САД на која, само во последните 8 месеци, се најдоа повеќе познати имиња на политичари и бизнисмени, е обид да им се помогне на македонските власти да почнат да се справуваат со проблемите.

Она што најмногу ја збунува американската амбасадорка, како што вели, е фактот што по секое објавено ново име на т. н. „црна листа“, „никој во … Македонија не е изненаден, ниту меѓу граѓаните ниту меѓу официјалните претставници“.

Притоа, од јуни годинава, кога САД го ставија струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на црната листа, досега, ниту еден македонски правосуден орган или институција не се обратила до нивни колеги во САД да побараат споделување на доказите, со цел да се отвори постапка и во земјата за лицата кои се на листата.
„Знаеме сѐ за Анѓушев“

Агелер го смета за многу позитивен чекорот на Владата која предложи предлог-закон со кој автоматски ќе се отвора истрага во Македонија за секое лице кое ќе се најде на црната листа на САД. Таквото правило досега беше законски регулирано само за лица кои се наоѓаат на листите на ЕУ.