Десеттата Летна школа за изучување мајчин јазик, проект на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија, отворена е вчера во просториите на Конгресниот центар во Охрид.
Досега оваа манифестација се организираше како Летна школа за изучување на македонскиот јазик, но годинава таа традиција е заменета и зборот „македонски“ е заменет со „мајчин“ јазик.
Како што соопштија од Кабинетот на министерот за дијаспора денеска, на оваа школа учествуваат 45 деца на иселеници од Македонија, кои доаѓаат од повеќе земји од регионот и Европа. Покрај изучување на јазикот на нивните родители, преку најразлични забавни и едукативни активности, децата на иселениците ќе имаат можност да се запознаат и да ги научат историја, традиција, култура и јазик на Република Македонија.
Директорот на Агенцијата за иселеништво, Никола Шалваринов, посочи дека овој проект на Агенцијата е од клучно значење за промоцијата на земјата во делот на историја, традиција, култура и јазик, воедно и во намалувањето на се поголемиот број на најмладата популација на иселеници кои не го познаваат јазикот на родителите, а со тоа и поттикнување на чувството за припадност кон државата на потеклото, Република Македонија. Тој најавил дека и во иднина ќе продолжат со давање поддршка кон сите иселеници и иселенички организации без разлика на етничката, половата и религиозната припадност, кои се залагаат за промоција на македонската историја, традиција, култура и јазик, посочи директорот во своето обраќање.
– Агенцијата за иселеништво на Република Македонија во своето работење, при остварувањето на своите работни задачи и реализација на веќе постоечките проекти, соработува со Кабинетот на министерот задолжен за дијаспора Едмонд Адеми. Заедничкото работење на двете институции овозможува подобро и поуспешно имплементирање на политиките коишто имаат за цел реализација на потребите, целите и интересите на иселениците од земјата, истакна Шалвариновски.
На отворањето на јубилејната 10. Летна школа се обрати и министерот задолжен за дијаспора Адеми, кој нагласи дека оваа веќе традиционална манифестација претставува многу битна институционална државна активност во однос на поврзувањето меѓу државата и најмладите генерации иселеници по потекло од Македонија. Најави дека школата во наредните години ќе продолжи и со други културни и образовни содржини, со цел да ја зајакне свеста кај помладите генерации на нашите иселеници во светот за нивното потекло во сите области од витален интерес и тоа, пред се, за нивниот национален и културен идентитет од земјата на нивното потекло.
– Не, не се плашиме да кажеме дека мајчин јазик е македонскиот јазик, дека мајчин јазик е албанскиот јазик,…или кој било друг јазик, бидејќи мајчин јазик е мајчин јазик, на кој било и да е јазик, посочи министерот задолжен за дијаспора Адем, стои во соопштението.
Основната мисија на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија е поттикнување, помагање и одржување на националниот идентитет кај иселениците, преку негување на мајчиниот јазик, културата и традиционалните вредности на иселениците во средините каде што живеат.