Повеќе од 85 тони небезбедна храна уништија инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и операторите за храна од јануари до март годинава.
Најголемиот дел небезбедна храна, односно 68.541 килограми ги повлекле самите оператори согласно имплементираните HACCP планови, додека инспекторите за храна и официјалните ветеринари, како небезбедни уништиле 17.173 килограми храна.
-Од вкупно уништената небезбедна храна од страна на инспекторите за храна и официјалните ветеринари во првиот квартал годинава, 277 килограми била храна од неживотинско, а остатокот храна од животинско потекло. Од почетокот на годинава до март инспекциските служби на АХВ спровеле вкупно 12 699 контроли и за утврдените недоследности (непочитување на препораките и мерките за справување со вирусот КОВИД 19, но и оштетувања на работните површини, несоодветна примена на HACCP процедурите и нередовно водење записи, неажурирани санитарни книшки на вработените, неусогласености во врска со хигиената во објектите, несоодветно означување на производите и оштетувања на разладните витрини…, изречени се шест наредби за отстранување на недоследности, една мерка забрана и три мерки едукација на операторите, се вели во соопштението на АХВ.
За утврдените недоследности инспекторите донеле 851 решение за нивно отстранување, изрекле 13 парични казни за операторите со храна, спровеле 423 едукации и поднеле 5 прекршочни пријави.
Во првиот квартал од годинава нема ниту забранети ниту уништени небезбедни пратки од увоз. За извоз на храна од животинско потекло во првите три месеци од годинава издадени биле 566 сертификати, а за извоз на храна од неживотинско потекло 597 сертификати.
-Почнувајќи од 16 март годинава, Агенцијата за храна и ветеринарство ги засили инспекциските контроли на операторите со храна на целата територија во земјава согласно препораките на Комисијата за заразни болести и одлуките на Владата на Република Северна Македонија за преземање мерки за намалување на ризикот од пренесување и ширење на вирусот КОВИД 19 кај луѓето. Покрај контролирање на тоа дали се почитуваат основните и посебните услови за безбедност на храната, во рамки на вонредните засилени контроли се вршат и проверки дали операторите со храна ги почитуваат препораките и мерките на Комисијата за заразни болести и Владата кои се однесуваат на намалување на ризиците и спречување на ширење на корона вирусот, посочуваат од Агенцијата.
АХВ, се додава во соопштението, останува отворена за соработка со граѓаните и бизнис заедницата. На бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22 и на електронската адреса на Агенцијата за храна и ветеринарство info@fva.gov.mk, во секое време може да се пријават недоследности во поглед на безбедноста на храната и почитувањето на препораките и мерките за заштита од корона вирусот.