Пратениците да се вратат на работа и веднаш по потврдување на одлуката за вонредна состојба, да одредат нов датум за избори. Ова се предлага во анализата на Македонската академија на науките и уметностите. Во документот насловен на Анализа на правните аспекти на вонредната состојба. Академците заедно со правни експерти велат дека нема никакви правни пречки за Собранието по сопствена иницијатива да се врати во функција и покрај одлуката за самораспуштање. Подготвувачите на анализата сметаат дека бидејќи не исполнета целта за која што пратениците се распуштија сега тие може повторно да се вратат во собраниските клупи и да ја извршувааат својата функција, пишува Нетпрес.

„Изложената аргументација дава доволно основи за постигнување политички консензус на парламентарните партии за донесување од пратениците одлука за свикување на седница на Собранието на која тоа: – ќе ја потврди одлуката на Претседателот за вонредната состојба, – ќе расправа за вршењето на овластувањата на Владата и за донесените уредби со законска сила, – ќе донесе, по престанокот на вонредната состојба, нова одлука за датумот на одржување на избори за пратеници, затоа што само Собранието има уставно овластување за донесување таква одлука, а веќе донесената е беспредметна со истекот на времето на кое се однесувала“, се вели во анализата.

Во анализата се наведува дека доколку сепак пратениците не сакаат да го сторат тоа, на работа треба да ги врати Уставниот суд поништувајќи ја или укинувајќи ја одлуката за распуштање на парламентот.

,,Ако пратениците, односно нивните партии, не можат да постигнат консензус околу таквиот предлог, останува работите да ги пресече Уставниот суд со одлука за поништување на одлуката за распуштање на Собранието, и со тоа враќање на работите на нивниот исправен уставен пат“, се заклучува во т.н. анализа.