На повеќе локации низ Скопје денеска се одржа активистичката акција „Дај мито“.

Преку перформанс – поворка, „Дај мито“ на хумористичен и сатиричен начин беше побарано основање агенција за рамноправна редистрибуција на мито. Воедно укажа на корупцијата во институциите, но и на граѓаните кои се подготвени да дадат мито.

– Екстремното високо ниво на корупција, но и статус-кво состојбата во однос на решавањето на овој проблем, побарува нови, креативни идеи и начини кои ќе алармираат за состојбите и ќе направат притисок за што поскоро решавање на корупцијата. Крајната цел на активистичката акција е да стави крај на корупцијата во Македонија, велат активистите.

Повикувајќи се на последниот извештај на Транспаренси интернешнл, „Дај мито“ наведува дека Македонија паднала од 69 на 107 место на листата на земји од регионот за борба против корупцијата и има оценка 35/100 со што е во групата држави со висока корупција.

Судскиот систем, здравството и образованието се областите каде најмногу има корупција, а активисти на ироничен начин го кренаа гласот против ова зло во општеството. Тие формираа и Агенција за рамноправна редистрибуција на мито, преку која, како што велат, ќе се распределува мито и во институциите и областите во кои корупцијата е помалку застапена.

– Почнувајќи од правосудниот систем кој е целосно корумпиран, на кого најдобро јадење му е митото, потоа здравствениот систем, болниците, мито се дава под рака за да се подобри состојбата на пациентот, во образованието, но и во нашите секојдневни односи, изјави Дијана Малај.

Активистот Драган Додевски вели дека и нему лично во неколку наврати му било побарано да даде мито.

Трет активист вели дека корупцијата е многу присутна во Македонија и тоа е причината поради која тие  иронично ја формираа Агенцијата за рамноправна редистрибуција на митото.

Активистите поделија банкноти, на кои има одредена вредност, но и институцијата каде средствата треба да се користат. Такви банкноти оставија и кај канцеларијата на Комисијата за спречување на корупција, која и понатаму е празна откако нејзините членови поднесоа оставки.