Полицијата попладнево спроведува нова координирана акција насочена кон разбивање на нелегални мрежи кои, според неофицијални информации, профитирале на штета на здравјето на граѓаните.

Неофицијално Курир дознава, Одделот за организиран криминал при Бирото за јавна безбедност при МВР врши претреси на повеќе локации низ државата и приведува повеќе лица, меѓу кои организатори, посредници, а според првичните сознанија можно е да има и лекари и други службени лица инволвирани во организирана криминална група.

Се сомнева дека групата била поврзана со нелегален увоз и дистрибуција на фалсификувани ботокси, филери и други медицински препарати, кои биле внесувани во земјава преку нелегални канали од повеќе држави, меѓу кои Кина, Турција и Србија. Производите, според информациите, немале соодветна контрола, дозволи ниту регистрација, а потоа биле пласирани на пазарот.

Овие препарати, кои често се користеле под превезот на естетски третмани, наместо подобрување на изгледот, можеле да предизвикаат сериозни здравствени последици – инфекции, деформитети, трајни оштетувања, па дури и ризик по животот на граѓаните.

Случајот отвора сериозни прашања за злоупотреба на довербата на пациентите и опасностите од нерегулирани медицински интервенции.

Надлежните институции најавуваат дека борбата против ваквите криминални структури ќе продолжи со засилено темпо, со цел целосно расчистување на случајот и санкционирање на одговорните.