Турската полиција денеска почнала координирана низа акции за апсење на 271 припадник на армијата, кои се осомничени членови на групата ФЕТО на Фетула Ѓулен, организаторот на неуспешниот државен удар од 2016 година.

Акцијата отпочна во пет часот изутрина. Меѓу бараните лица има 10 активни полковници како и пензионирани генерали кои биле во контакт со оперативци на Ѓулен.

Од обидот за државен удар, во Турција беа уапсени над 160.000 лица, мнозина од нив од армијата, а уште приближно толку беа отпуштени до работа. Кривични пријави беа поднесени против 77.000 лица.

Агенцијата Анадолија денес објави дека раководни членови на ФЕТО во јуни имале состаноци во 18 земји за да разменат инструкции од нивниот лидер, тврдат безбедносни извори.

Истите извори навеле дека само во Пенсилванија каде се наоѓа Фетула Ѓулен, се собрале 33 членови, а на состоанкот се дале инструкции за натамошни акции, како што се добивање меѓународна поддршка, одвраќање инвестиори од Турција и регрутирање нови луѓе.

Анадолија објави дека во симултаните акции во 11 турски провинции биле уапсени 16 припадници на армиските сили и дека меѓу нив има и полковници.