Намалувањето на ДДВ-то е едно од решенијата што Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) го понуди точно пред една година како можност да се заштитат домаќинствата во самиот процес на либерализација на пазарот на електрична енергија, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски за намаленото ДДВ кое ќе важи само до 1 јули идната година.
-Нашите тимови кои прават сеопфатни анализи во координација со Енергетската заедница проценија пред една година дека е неопходно да се донесат системски решенија, што освен намалување на ДДВ ќе опфатат и проширување и зајакнување на поддршката на ранливите категории во плаќањето на сметките за електрична / топлинска енергија. Секој потег што нуди решение за заштита на стандардот на домаќинствата во процесот на енергетска транзиција -што значи струја од вода, ветер и сонце наместо од јаглен, покажува стратешки пристап во решавање на глобалниот предизвик за намалување на штетни емисии и заштита на животната средина, изјави Бислимоски за МИА.
Самиот факт дека во еден момент настана „клинч” меѓу партиите чиј предлог е намалување на ДДВ- то од 18 на 5 отсто, посочи, за нас е показател дека политичарите, без разлика дали се пратеници, министри или функционери на партии имаат доблест да слушнат стручни луѓе во областа кои нудат издржани решенија.
Најави дека Регулаторна комисија за енергетика ќе продолжи да ги афирмира и останатите предлог решенија со цел заштита на потрошувачите.
-Во тек се пресметките за цената на струјата во нашиот дел во кој што ние влијаеме, а тоа е 38 отсто во крајната цена. Децидно повторувам дека нема да се прифати тоа што го бараат компаниите. Во делот што ние го регулираме се земаат во предвид само трошоците кои се поврзани со процесот за производство на електрична енергија, а останатите 62 отсто ќе се додадат по завршување на тендер на Универзалниот снабдувач, на кој ЕСМ има обврска да понуди цена за минимум 70 отсто од потребната количина на конзумот домаќинства, потенцира Бислимоски.
Владата на вчерашната 81-ва седница го утврди текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност. Според овие предлог измени, данокот на додадена вредност (ДДВ) за прометот и увозот на електричната енергија за домаќинствата треба да се намали од 18 на пет отсто за период од 1 јули 2021 до 30 јуни 2022, а за период од 1 јули 2022 до 30 јуни 2023 година даночната стапка за ДДВ за прометот и увозот на електрична енергија за домаќинствата да изнесува 10 проценти. За периодот по 1 јули 2023 година даночната стапка повторно треба да изнесува 18 отсто.
Според Владата, целта на овие измени и дополнувања на Законот за ДДВ е со пониски цени на електричната енергија да им се помогне на домаќинствата со намалување на нивните трошоци.
Неодамна министерот за финансии Фатмир Бесими порача дека очекува до 1 јули годинава Собранието да ги усвои измените и дополнувањата на Законот за ДДВ.