Со притисоци врз вработени во архивите, денеска се архивираат одлуки со вчерашен датум за да поминат нелегалните вработувања пред распишувањето на изборите, алармира дополнителниот заменик министер во Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), Стефан Андоновски.

Тој во објавата „антидатирање во МИОА“ ги открива манипулациите:

– Комплетно незаконски, со притисоци врз вработените во архивите, денес се архивираат одлуки со вчерашен датум. Зошто? За да поминат нелегалните вработувања пред распишување на изборите. Согласно Законот за архивско работење и член 15 од Уредбата на Владата за канцелариско и архивско работење не е дозволено антидатирање на предмети (заведување на предмети со претходен датум). Сите документи/записи, писарницата ги испраќа истиот ден кога ќе ги прими потпишани или најдоцна ден по приемот, објавува Андоновски.

Тој ги повикува надлежните институции веднаш да преземат мерки:

– Ги повикувам Управниот инспекторат и другите надлежни институции да влезат во Министерството и да ги испитаат логовите кога некои документи се изработени, а кога потпишани. Гарантирам дека одговорност ќе има – или сега или после изборите!- вели Андоновски во објавата на на Фејсбук.