Грција ја постави првата блокада на патот на Албанија кон ЕУ, јавија албанските повикувајќи се на грчките медиуми.
– Грција не се согласи со писмото на 27 земји членки на ЕУ за отворање на првите поглавја со Албанија. Можна причина за ова е апсењето на градоначалникот на Химара, Фреди Белери, кој е етнички Грк по што Атина обвини дека неговите права се кршат, додаваат медиумите.
Според Катимерини, ваквиот развој на настаните претставува разделба на Македонија и Албанија на заедничкиот европски пат.
Атина ќе го преиспита својот став, само доколку Тирана преземе чекори со кои ќе покаже дека има простор за дискусија, се потенцира во текстот на Катимерини. Грција инсистира Белери да добие шанса за заклетва за градоначалник, барање кое албанските судови досега го одбиваа.
На 22 овој месец е следното рочиште на кое ќе му се суди за купување на гласови. Случајот е нотиран и во извештајот на европската комисија како сериозен проблем кој ги комплицира грчко-албанските односи.
Белери беше уапсен два дена пред локалните избори, што во Албанија се одржаа на 14 мај, по сомнение за „изборна корупција”.
Иако во затворски притвор, тој беше реизбран за градоначалник на приморското гратче Химара, главно населено со припадници на грчкото малцинство.
Барањата да биде ослободен за да даде заклетва и да ја обавува градоначалничката функција му беа одбиени од сите судски инстанци.
Официјална Атина во континуитет бара негово ослободување, оценувајќи дека неправедно е уапсен и се закани со блокирање на Албанија на евроинтегративниот пат.
Албанскиот премиер Еди Рама во неколку наврати изјави дека „не се меша во работите на независното судство”.