Албанската обединета опозиција предводена од Демократската партија на Љуљзим Баша, продолжува со бојкотот на работата на Парламентот на Албанија.

Како што јави МИА, в четврток, за кога е закажана третата седница на законодавниот дом по летните одмори, опозициските пратеници ќе „заседаваат“ во пристанишниот град Драч.

Наместо во собраниската сала во Тирана, опозициските пратеници на 3 септември беа во Скадар, додека на 6 септември „заседаваа“ во Елбасан.

Пред одржувањето на овие две седници лидерот на демократите Баша упати тешки обвинувања за „поврзаност на Владата со криминалот“, најавувајќи акција за „ослободување на власта од криминалот“.

– Ослободување на власта од криминалот останува апсолутен приоритет на опозицијата во новата парламентарна сесија, порача Баша.

Опозициските пратеници ја бојкотираат работата и на парламентарните комисии.

Деновиве опозицијата до Парламентот достави Предлог-закон за проверка на потеклото на имотот на политичарите. Албанското Собрание претходно усвои Закон за испитување на потеклото на имотот и можна поврзаност со криминални групи, кој важи за судиите, обвинителите и полицијата.

Поради „не минување“ преку процесот на проверка, Албанија повеќе месеци е без Уставен и Врховен суд, а се соочува и со недотиг на обвинители и судии.

Формулар за потеклото на имотот не понесоа најмалку 500 полициски работници, кои потоа самоволно ја напуштија службата.