Речиси секој петти жител на Албанија живее на прагот на сиромаштија. Има вкупно 545.400 лица кои имаат ниски примања, а на кои им се заканува ризикот да живеат без минимални стандарди, објави euronews.al, повикувајќи се на државниот институт за статистика, ИНСТАТ.
Според истиот извор, податоците што ги објавил ИНСТАТ за 2023 година покажуваат дека во однос на 2022 година има намалување за над 30 илјади лица кои живеат во тешки услови, врз што најголемо влијание има миграцијата.
-Прагот на приход што ја одвојуваше сиромаштијата во 2023 година беше 740 лека дневно или 22.200 лека месечно. Семејствата кои најмногу се предиспонирани да паднат во сиромаштија се оние со деца помлади од 18 години и кои живеат со најмалку еден родител, додека ризикот е помал за оние семејства без деца, наведува телевизијата.
Социјалните бенефиции, како што се старосните и семејните пензии, вклучени во семејниот приход, го намалуваат ризикот да се биде сиромашен.
Минатата година, 36% од населението би било во ризик да биде сиромашно, доколку се исклучат социјалните бенефиции. Во 2023 година, просечниот месечен приход бил 422 евра.