Годишниот извештај на албанскиот Институт за статистика, ИНСТАТ, покажува дека минатата година се родени 22.210 бебиња, што е намалување за 10 отсто или околу 2.500 бебиња помалку споредно со претходната година.

Ова е најголем пад на наталитетот во последните 30 години. Од вкупно 12 околии колку што има во земјата, со најнизок наталитет се Ѓирокастро, Кукс и Берат, додека Тирана и Драч се двете околии со најбрз пораст на населението.

-Намалувањето на наталитетот и емиграцијата предизвикуваат Албанија да старее со голема брзина. На 1 јануари 2023 година во нашата земја се регистрирани 2,76 милиони лица, што е намалување за 15 отсто споредено со 1990 година. Во јуни оваа година се очекува да бидат објавени резултатите од пописот, кога ќе се знае точната бројка, која повеќе од сигрно е дека ќе биде помала од онаа од почетокот на годинава, наведуваат медиумите.

Додаваат дека младата возраст забрзано се намалува, додека армијата на луѓе на возраст за пензионирање се зголемува. Податоците на ИНСТАТ покажуваат дека на 1 јануари 2023 година населението над 60-годинишна возраст претставува четвртина од вкупното население.