Координаторот на парламентарна група на албанските владејачки социјалисти, Таулант Бала, до Собранието поднесе предлог-резолуција за осуда на геноцидот во Сребреница, јави дописничката на МИА од Тирана.
Документот, како што е најавено, ќе биде разгледан и одобрен на посебна седница закажана за 7 јули, неколку дена пред 11 јули, кој се одбележува како Ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.
– Седницата ќе се одржи на 7 јули, со потребната свеченост и протокол, како што му доликува на албанскиот законодавен дом. Претставник на Владата и координаторите на пратеничките групи ќе одржат пригодни обраќања. На седницата ќе бидат поканети претставници на владата на Босна и Херцеговина и роднини на жртвите од овој геноцид, што се смета за најстрашниот во Европа, по Втората светска војна, изјави Таулант Бала, координатор на пратеничката група на Социјалистичката партија.
Според него, со резолуцијата, која содржи неколку точки, се потврдува ставот на Парламентот на Албанија дека „негирањето на геноцидот, извршен врз босанското население во Сребреница од страна на силите на босанските Срби, претставува кршење на меѓународното право и го поттикнува феноменот на неказнивост на воените злосторства“.
Пред два месеца демократските пратеници на Сали Бериша се обидоа да вметнат своја резолуција на дневен ред, но таа беше отфрлена на седница на координаторите на пратеничките групи.
Бериша потоа го обвини премиерот Еди Рама дека „ја игра играта на српскиот претседател Александар Вучиќ“ со тоа што не ја ставил неговата резолуција на дневен ред.
– Изгласувањето на Резолуцијата може да се смета како политички маневар на мнозинството на Еди Рама, бидејќи датумот кој е избран да биде изгласана се совпаѓа со денот на масовниот протест што го свика Сали Бериша, оценува Топ чанел.
Бала најави дека набрзо ќе биде предложена и Резолуција за осуда на српскиот геноцид на Косово.