Алдо Климан, претседателот на Македонски културен форум во Хрватска, еден од неуморните борци за македонската кауза, имаше интервју за емисијата Муликултурност во Истра, емитувано на хрватската ТВ НОВА.

„Македонскиот културен форум е основан во 2008 година со два стобла на делување. Едниот е ансамблот и пеачката група, а вториот организирање тркалезни маси на македонистички теми“, истакнува Климан.

-Во овие 12 години имаме одржано 12 тркалезни маси на кои присуствуваа врвни познавачи на македонистиката од Македонија, од Хрватска, но и од Италија, Словенија… Имавме гости како претставници на македонското национално малцинство и од Грција, Бугарија и Албанија. Тоа се извонредно важни собири бидејќи се занимаваат со идентитетските прашања на Македонците, вклучувајќи ги и Македонците кои се наоѓаат во други држави, како што сме ние овде во Хрватска, еве и ние во Истра, па можеме да кажеме да кажеме дека сме биле родени под среќна ѕвезда и сме така добро примени овде, истакнува Климан.

-Од друга страна пеачкиот ансамбл Деспина почна како мал октет, за во овие 12 години со мноштво концерти да прерасне во една убава пеачка група. Моментално имаме 15 пеачки, има и еден пеач, тука се и десетина музичари, но во овој период низ ансамблот поминаа многу поголем број луѓе. Целта ни беше со овие работи да се занимаваме на сериозен начин, значи да не бидеме друштво кое само ќе се собира, туку прашањата да ги издигнеме на високо ниво. Што се однесува до Деспина се посветивме на најубавиот, на антологиските македонски песни кои се прочуени и во светот, но и да афирмираме песни кои не се толку познати.

Така што Деспина досега изведе стотина народни песни и ора, а за сето тоа да биде така успешно беше потребна синергија на сите тие наши пеачки. Истовремено преку Деспина ја живееме мултикултуралноста која Истра ја заговара и живее бидејќи во нашата пеачка група има и Словенки, Црногорки, Србинки, а имаме и Италијанка, додава Климан.

Тој истакнува и дека сето тоа не би било можно без композиторот и диригент Тони Перниќ.

-Тој успеа од пеачките да го извлече најдоброто, а во последно време се повеќе ни се приклучуваат млади пеачки. Сме гостувале и во Загреб, но за жал досега не сме успеале да гостуваме во Македонија. Инаку, нашата работа ја финансираат Истарската жупанија и град Пула, а од минатата година и Советот за национални малциства на РХ. Но, најголем дел од средствата доаѓа од Истарска жупанија, истакнува Климан.

Целото интервју на Климан погледајте го во првиот дел од видеото до 14 минута.