САД соопштија дека доцна синоќа повторно ја отвориле својата амбасада во Киев, откако зданието вчера беше затворено цел ден поради закана од голем воздушен напад.

До таквата закана дојде откако Украина во текот на претходниот ден употреби американски ракети за да нападне цели на руска територија, јавија британските медиуми.

Русија го опиша американскиот ракетен напад како ескалација, а украинското воено разузнавање соопшти дека Русија се обидува да сее паника со ширење на лажни извештаи на интернет за претстојниот напад со проектили и беспилотни летала.

„@USEmbassyKyiv (Амбасадата на САД во Киев) ја продолжи својата работа по привремениот прекин“, напиша американската амбасадорка во Украина Бриџит Бринк на платформата X.

„Продолжуваме да ги охрабруваме американските граѓани да бидат внимателни, да ги следат официјалните украински извори за ажурирања и да бидат подготвени да се засолнат доколку биде издадена воздушна тревога“, додаде таа.

Следејќи го примерот на САД вчера своите амбасади ги затворија и Италија, Шпанија и Грција, додека француската Амбасада остана отворена, но оттаму ги повикаа француските граѓани да бидат претпазливи.