Постојаната претставничка на Соединетите Американски Држави во Обединетите нации Линда Томас Гринфилд изјави дека руската закана за Украина е многу поголема од украинскиот проблем и предупреди дека евентуална руска инвазија „ќе ја отвори Пандорината кутија“.
На прес-конференција Гринфилд ја обвини Русија дека покрај воените активности извршува кибер напади, паравоени активности и кампањи за дезинформација.
Наведувајќи дека „руските активности против Украина не се само регионални“ и дека заканата за Украина е многу поголема од украинскиот проблем, Гринфилд предупреди дека „инвазијата би ја отворила Пандорината кутија“.
– Гледаме дека 127.000 војници се распоредени на границата. Русите, исто така, испратија војници и во Белорусија, рече Гринфилд, пренесува Анадолија.
Наведувајќи дека продолжуваат со напорите за дипломатско решение на украинско-руската криза, Гринфилд рече дека ќе бидат воведени „агресивни санкции“ кон Русија во случај на инвазија.