Американската армија денеска соопшти дека завршила повеќе од 90 проценти од повлекувањето од Авганистан, што почна во мај, по речиси 20 години од почетокот на воената интервенција во оваа земја, што ја почна заедно со НАТО, како одговор на терористичките напади од 11 септември 2001 година

„Процесот на повлекување продолжува. Централната американска команда проценува дека завршивме повеќе од 90 проценти од комплетниот процес на повлекување”, се наведува во соопштението на американската армија.

Американскиот претседател Џо Бајден во април објави дека сака да заврши со повлекувањето на војниците пред 11 септември, кога е 20-годишнината од нападите во САД.

Белата куќа во петокот соопшти дека последните американски војници ќе ја напуштат територијата на Авганистан пред тој датум, поточно „до крајот на август“.

Американските сили и официјално веќе им ја предадоа контролата врз седум поранешни американски бази на авганистанските сили и вратија опрема во обем еднаков на товар за 984 авиони „Ц-17“.

Американските сили и НАТО минатата недела ја напуштија воздухопловната база Баграм, што беше најголемата во Авганистан, на 50 километри од Кабул, а од почетокот на воената операција беше центарот на операциите.

Авганистанските власти денеска распоредија стотици војници и провладини милиции за да се спротивстават на големата офанзива на талибанците на северот на земјата. Поради офанзивата, илјада авганистански војници вчера мораа да се засолнат во Таџикистан.