Грција станува енергетски центар, не на хартија, туку во реалноста. Грција ќе биде решение за да ѝ помогне на Европа да ја надмине оваа енергетска криза, изјави амбасадорот на САД во Грција, Џорџ Цунис во интервјуто за грчката новинска агенција АНА-МПА.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Цунис наведе дека ова ќе биде многу значајно како за економијата на земјата, така и за нејзината геостратешка важност и истакнува дека Грција е лидер во енергетската разновидност и енергетската безбедност.

За енергетската независност на Европа и диверзификацијата на изворите на енергија, истакнува дека САД веќе придонесуваат во оваа насока, објаснувајќи дека се најголемиот снабдувач на течен природен гас (ЛНГ) во Европа од која било друга земја во светот.

– Се обидуваме, најбрзо што можеме да пренесеме ЛНГ во Европа и Грција. Шеесет отсто од ЛНГ во Грција доаѓа од САД и овој процент се зголемува, вели амбасадорот за АНА-МПА и го карактеризира како „стратешка грешка“ она што се правело во минатото со снабдувањето со енергија исклучиво од Русија.