Американскиот сенатор Линдзи Греам, републиканец од Јужна Каролина во Сенатот на САД, со порака на социјалната мрежа ги повикува граѓаните на Русија да „го отстранат“ рускиот претседател Владимир Путин и со тоа да се стави крај на војната во Украина.

Греам на Твитер праша дали има Брут во Русија или поуспешна руска верзија на полковникот Штауфенберг, кој се обидел да го убие Хитлер.

– Единствениот начин да се стави крај на ова е да го отстраните тој човек. Ќе си направите услуга на себе и на светот, напиша Греам.

Набрзо потоа, исто така на Твитер, му одговори неговиот колега републиканец, сенаторот Тед Круз, кој напиша дека тоа е исклучително лоша идеја.

– Да користиме огромни економски санкции, да ја бојкотираме руската нафта и гас и да им овозможиме на Украинците да земат оружје и да се бранат. Но, да не повикуваме на атентат на шефот на државата, напиша Круз.