Американските амбасади низ Блискиот Исток рано утрово издадоа безбедносни предупредувања за американските граѓани поради можноста за „непредвидена ескалација“ на конфликтот во регионот.
„Поради тензиите на Блискиот Исток, безбедносната ситуација останува комплексна, со можност за непредвидена ескалација“, соопшти американскиот Стејт департмент во предупредувањата.
Предупредувањата беа издадени од амбасадите на САД во Израел, Саудиска Арабија, Ирак, Кувајт, Либан, Јордан, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати и Катар.
Во нив не се наведе конкретна закана, но на американските граѓани им се советува да бидат дополнително претпазливи и да очекуваат можни откажувања на летови, затворање на воздушниот простор и прекини во патувањето, објавува Си-би-ес Њуз (CBS News).
Предупредувањата се однесуваат и на интензивирањето на конфликтот меѓу Саудиска Арабија и движењето Хути во Јемен, поддржано од Иран. Американските дипломати проценија дека воениот конфликт меѓу двете страни би можел брзо да ескалира.
Портпаролот на коалициските сили предводени од Саудиска Арабија, Турки ал-Малки, претходно објави дека саудиските сили пресретнале балистичка ракета испукана кон Ријад.
Борбите се интензивираа во последните недели меѓу Саудиска Арабија и Хутите, кои ја презедоа контролата врз огромни делови од брегот на Црвеното Море во Јемен, заедно со неколку острови во критичната теснина Баб ел-Мандаб, дополнително ограничувајќи ги глобалните резерви на нафта.
Клучниот нафтовод Исток-Запад на Саудиска Арабија беше оштетен од напади со беспилотни летала претходно овој месец за кои се верува дека се извршени од милиции поддржани од Иран кои дејствуваат во Ирак, иако ниедна група не ја презеде одговорноста за нападите.




