На Самитот на НАТО во Брисел, алијансата ја потврди одлуката од 2008 година во Букурешт да упати покана до Македонија кога ќе го реши прашањето со името.
Денешен се обрати до НАТО со прашање – дали по она што го потпишаа Зоран Заев и ген-секот на алијансата, Јенс Столтеберг значи дека сега Македонија влегува под чадорот на НАТО или не? Станува збор за примена на членот 5 од Вашингтонската спогодба за колективната одбрана.
-Клаузулата за колективна одбрана утврдена во Членот 5 од Вашингтонскиот договор се однесува за членки на НАТО. Што се однесува до вашата земја, ви препорачувам да ги земете предвид ставовите на генералниот секретар дадени за време на церемонијата на поптишување со премиерот Заев, со што се обележа почетокот на разговорите за челнство“, се вели во одговорот од официјален претставник на Алијансата во Брисел.
Членот 5 наједноставно прочитан значи еден за сите, сите за еден, однос ако некоја членка е нападната или е под закана, во тој случај одговорот на членките е заеднички.
Во 1999 година Република Македонија доби заштитна клаузаула од НАТО за време на воената интервенција против Југославија, но таа имаше свој рок на важност. Безбедносните гаранции и беа дадени на земјата во време кога генерален секретар беше Хавиер Солана.
Сега Македонија и НАТО ќе влезат во период на детални подготовки за полноправно членство, а сета работа може да се заврши само ако успешно се затворат националните процедури, а, секако, главна е имплементацијата на договорот за промена на името.
Во Завршната декларација од Самитот во Брисел на 29. лидери, Македонија е ставена под точката 63, далеку зад Грузија и Молдавија и веднаш зад Косово. Ние сме во делот „отворени врати“, а според многу анализи, Македонија би требала да биде ставена во графата – како да се прекрши меѓународната право. Ова од причини што НАТО за членство поставил услов без преседан – земјата да си го смени името и Уставот, што нема ама никаква врска со демократијата, која Алијансата прокламира дека ја брани, почитува и ја шири низ светот.
Но, што вели членот 63: На нашиот Самит во Букурешт во 2008 година, ние одлучивме НАТО да упати покана до поранешната Југословенска Република Македонија да и се приклучи на Алијансата веднаш штом ќе биде постигнато заедничко прифатливо решение за името во рамки на ОН. Ние го поздравуваме историскиот договор меѓу Атина и Скопје за решение за името. Во согласност со нашата политика, ние одлучивме да ја поканиме Владата во Скопје да почне разговори за членство за да и се придружи на Алијансата. Целосната имплементација на сите утврдени внатрешни процедури во однос на договорот за решение на прашањето со името е услов за успешно завршување на процесот на придружување. Ние и препорачуваме на Владата значително да ги зајакне добрососедските односи, вклучително и стапувањето во сила на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Ги поздравуваме цврстите напори на новата влада во изминатата година и значителниот напредок постигнат за неколку итно потребни реформи и ја охрабруваме за натамошни напори пред и по зачленувањето со цел да го зајакне придонесот на земјата во Алијансата.
Исто така, забележуваме натамошни напори за градење функционално мултиетничко општетство засновано на целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор и охрабруваме натамошни напори во таа област. Ги повикуваме сите политички лидери во земјата да играат конструктивна улога во овој процес и за брза имплементација на договорот за решение за името. Ја цениме цврстата поддршка на Скопје на операциите и мисиите на НАТО и тековниот придонес за меѓународната безбедност“.
И како многупати досега и овој пат ПЈР Македонија оди со фуснота во која се кажува дека „Турција ја признава Република Македонија под нејзиното уставно име“.
Македонија 2008 во Букурешт
На самитот на НАТО во Букурешт, во веме на Владата на Никола Груевски и претседател Бранко Црвенковски (кохабитација меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ), кога Грција стави вето за македонското членство, во завршната декларација во Членот 20 стои: Ја препознаваме напорната работа и посветеноста покажана од поранешната Југословенска Република Македонија во однос на вредностите на НАТО и операциите на Алијансата. Ги пофалуваме за нивните напори да изградат мултиетничко општество. Во рамки на ОН, многу актери работеа напорно за да го решат прашањето за името, но Алијансата знотира со жалење дека тие разговори не доведоа до успешен крај. Затоа, ние се согласивме поканата за поранешната Југословенска Република Македонија да биде упатена веднаш штом ќе биде постигнато заедничко прифатливо решение за името. Даваме поттик преговорите да продолжат без одлагање и очекуваме тие да бидат завршени најбрзо што може“.
По ова уследи и потпишивање на американско-македонска декларација за соработка, потпишана од тогашниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски и државната секретарка на САД, Кондолиза Рајс.