Древна Персија стана клучна мета на Западните сили уште од моментот кога нафтата и природниот гас станаа супериорни ресурси во геополитички рамки. А за разлика од Саудиска Арабија, како што пишува Дневно.хр, Иран нема подобен режим за контрола на енергентите.

Сликата за Иран на Запад, пред се, е резултат на пропагандната машинерија, но и на турбулентната историја.

Уште во 1906 година со револуција го добија првиот Устав меѓу земјите од тој регион. Ги одбиваат Британците за експлоатација на нафта во 1919-та, во 1935 г. шахот Реза Пахлави ја реформира земјата и воведува забрана за фереџето. Во 1953 г. премиерот Мосадек ја национализира нафтата, а истата година САД го соборуваат и повторно на власт го враќаат Мухамед Реза Пахлави.

 

Во 1979 година, во револуцијата на иранскиот народ избран е Ајатолахот Хомеини. Од тогаш САД почнуваат санкции кон Иран, го вооружуваат својот сојузник Садам Хусеин, кој пак го напаѓа Иран поради нафтените полиња. А десет години потоа почнува тн. „неутрална ера“, кога Иран одбива приклонување на било која страна.

Сето тоа не би било многу чудно за геополитичкото опкружување на Иран, ако оваа земја како-така не го задржуваше своето влијание на пазарот на енергенти.

Иран не увезува нафта, оваа земја е четврт производител на нафта на светот. Иран не е меѓу десетте потрошувачи на нафта. Иран, и покрај санкциите, е шести извозник на нафта во светот. Сето тоа споено во мозаик го дава фактот дека Иран има исклучително влијание на цената на нафтата, па е во самиот врв на релевантните држави меѓу Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Ирак.

И секоја закана од Доналд Трамп или засилување на санкциите како резултат имаат поскапување на нафтата, па САД во такви периоди зависат од желбата на Саудијците или Русите за зголемување на производството, со што ќе ја уриваат или балансираат цената.

Мозаикот ќе биде комплетен, ако во играта ја ставиме и Кина, најголемиот увозник на иранска нафта. Значи, логиката налага – со ставање на Иран во подредена положба ќе се ослабнат Кина и Русија. Ама под услов да има соработка со Саудијците. Но, тука има што да кажат и Русите.

Вака комплексната ситуација е само дел поврзан со енергетиката. Шиитскиот појас, Хутите во Јемен, Палестина, па и влијанието во далечната Венецуела, само се неколку од примерите за тоа дека Иран не само што ги прифаќа правилата на играта на САД и Израел, туку без морални дилеми ги копира и надградува.

А државата со толку многу историски превирања, се наоѓа на работ да биде подложена на најголемото искушение уште од војната – југозападната провинција пребогата со нафта Кудестан (Садамовото „тивко страдање“), покрај самата граница со Ирак и Кувајт, и нејзиниот град Корамшар, се погодени од недостиг на вода.

Бидејќи тој дел е населен со мнозинство Арапи, тоа е само дополнителен мотив за јавниот бунт, во кој „дискриминираните“ со оружје нападнаа банки и државни згради. Полицијата и војската застанаа против „граѓанскиот бунт“, а ситуацијата ја искористи и израелскиот премиер Бењамин Нетанјаху.

Тој јава на Трамповите изјави и во релативно лежерно видео Светското првенство го користи како алат за револуција – загадениот воздух, недостигот на вода и тероризмот му се јадици за подигање на иранскиот народ против власта.

И додека Нетанјаху својот опонент го нарекува „задрт“, Иран вложува милијарди во науката и медицината, па полека влегува меѓу десетте најмоќни светски сили во научните студии, технологијата и научната литература.

Надворешниот долг им е 30 проценти, силна домашна економија и се поголем број странски инвестиции (Кина). И сето тоа, покрај санкциите. Затвореноста создаде гломазен бирократски апарат, субвенциите одржуваат мир кај „популусот“, а стабилност и кохерентност во класното општество и интересните картели.

Но, внатрешна побуна, и тоа од страна на малцинство во најбогатите подрачја со нафта, е оружје посилно и од санкциите, и од рушењето на цените на нафтата, и од целосна блокада.

Иран по кој знае кој пат е на пресвртница. Прашање е само до кога ќе издржи.