Постојат сомнежи дека иранската разузнавачка служба се обидела да изврши напад на територијата на Данска, информира денеска началникот на данските безбедносни сили Фин Борх Андерсен.

– Нападот требало да биде насочен против данскиот огранок на  Движењето на арапската борба за ослободување на Ахваз, прецизира Андерсен.

Ахваз е арапското име на иранската провинција Хузестан, која е богата со нафта и каде живеат Арапи.

Според Андерсон, во врска со овој случај на 21 октомври данските безбедносни сили уапсиле норвешки државјанин со иранско потекло.

– Масовната полициска операција во источна Данска кон крајот на минатиот месец беше дел од обидите на данските сили за безбедност да ја спречат иранската операција, додаде Андерсен.

На 28 септември данската полицаја организраше потрага по украден автомобил со шведски регистардки таблички, при што за кратко ја прекина врската помеѓу островот на кој се наоѓа Копенхаген и останатиот дел од земјата. Подоцна беше утврдено дека шведскиот автомобил нема врска со сомнежите за нападот планиран од страна на Иран.

На 22 октомври во Иран беше извршен терористички напад, при што загинаа најмалку 25 лица. Техеран тогаш го повика на разговор данскиот амбасадор во Иран и ја обвини владата во Копенхаген за заштита на припадници на Движењето на арапската борба за ослободување на Ахваз, кое го смета за терористичка организација и го обвини дека стои зад нападот.

Данскиот министер за надворешни работи Андерс Самуелсен на Твитер објави дека Копенхаген ќе одговори на сомнежите за иранскиот обид за напад.

– Данска разговара за понатамошни активности со другите европски земји, додаде тој.