Вандализам не и прилега на една земја која е кандидат за членка на Eвропската Унија и не прилега на ваква една држава и едно општество вака да се справува, ако некој има неистомислености. Ова е сериозна закана или обид за сериозна закана, затоа што знаете Марија Митева дека веќе подолго време се занимава со темата корупција во ДУИ и корупција на највисоките ешалони на власта особено во ДУИ. Мислам дека оттаму треба да се потегне да се бара одговорноста, изјави Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, во „Заспиј ако можеш“ на Алфа, во врска со демолирањето на автомобилот на портпаролката и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Андоновски истакна дека ваквиот чин нема да ја запре Митева, напротив,  ова ќе и влијае позитивно да продолжи да си ја работи работата како што си ја работи, односно да ги вади на површина криминалите на власта.

Ние потекнуваме од генерација на политичари кои допрва влегуваме во политиката, но влегуваме чисти и без багаж. Никој од нас нема семејно или било какво искуство како тие пробисветови и криминогени структури. Се знае зошто ги праќаат овие пораки на овој начин, рече Андоновски.

Тој нагласи дека овие пораки кои ги испраќаат ќе бидат контрапродуктивни за нив, бидејќи Митева како портпарол ќе продолжи да ги открива аферите, да открива какви коруптивни зделки се случуваат, да открива колку корупцијата го има разјадено системот, како ДУИ ја има узурпирано и украдено Македонија, на кој начин, кои се методите.

– Овие работи нема да ја поколебаат, автомобилот се поправа, образот и политичкиот багаж не се поправаат и сите луѓе кои ова го прават треба да знаат дека одговорност ќе има. Одговорност ќе има во моментот кога ќе се најдат извршителите и ова дело и на други кривични дел особено на големите коруптивни скандали. Одговорност ќе има, независно колку ќе се закануваат во наредниот период. Очекувам да продолжат заканите, да продолжат притисоци и врз пратеници и врз претседатели на општински комитети и врз други од раководство, но ние сме обединети и продолжуваме со битка, истакна Андоновски.