Три пожари се активни во моментов, но најсериозен е на Криволак, кој утрото повторно се разгоре, и го гаснат два хеликоптера, армиски и полициски, вели директорот на ЦУК Стојанче Ангелов во видео обраќање.

-Рано утрово пред пет часот извршивме хеликоптерско извидување на пожарите што останаа активни во текот на ноќта. Движејќи се кон активниот пожар во општина Василево, налетавме на нов пожар, за којшто подоцна се утврди дека е подметнат и зафати блиска шума во релативна близина на магистралниот пат Радовиш-Струмица, информираше Ангелов.

Веднаш пријавиле во Територијалната противпожарна единица Радовиш, и екипите со теренско возило итно излегле на терен.

-По неколкучасовна борба со пожарот успеаја да го стават под контрола а набргу потоа и целосно го изгасија, со што спречија овој шумски пожар да се прошири и да предизвика исклучително сериозни проблеми. Затоа што до него се наоѓа и обработливо земјоделско земјиште со различни земјоделски култури, соопшти Ангелов.

Пожарот во општината Василево, на неколку места чадел и се забележувал слаб оган, којшто во моментов полека се разгорува. На местото се екипи од Територијалната противпожарна единица Струмица. Доколку се јави потреба, ќе биде упатен еден хеликоптер, а по потреба и Ер тракторот на Дирекцијата за заштита и спасување.

-Третиот и би рекол најсериозен е пожарот на армискиот полигон Криволак којшто повторно почна да се разгорува, а утрово го гаснат два хеликоптера, армиски и полициски. Поради слабиот ветер што се појавува и зголемувањето на температурата, пожарот  се разгорува. Во текот на денот со хеликоптерите а по потреба и со авионот ќе продолжиме со дејство.  Значајно е да напоменам дека армиските магацини што се на неколку километри од линијата на пожарот, се дополнително обезбедени и се апсолутно сигурни, дециден е Ангелов.