Македонската економија не е директно изложена на ризиците од глобалните трговски тензии. Нашата трговија и со САД и со Кина е мала, вели во интервју за „Гласот на Америка“ гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Таа со министерката за финансии Нина Ангеловска учествува на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светска банка (СБ) во Вашингтон.
Осврнувајќи се на прашањето за глобалните трговски тензии и нивните импликации, таа посочува и дека е важно каква ќе биде натамошната состојба, односно дали натаму ќе има смирување или ескалација на тензиите.
– Ефектите врз нашата економија би можеле да дојдат главно преку посредните канали, односно тие зависат од степенот во кој би била погодена европската економија како наш најзначаен трговски партнер и особено од тоа што ќе се случува во германската економија. Германската економија за нас е од голема важност, со оглед на високиот степен на интегрираност на нашата економија во германскиот синџир на производство, нагласи Ангеловска-Бежоска.
Ако се направи анализа каква беше трансмисијата од монетарната политика во нашиот финансиски систем, според гувернерката, се забележува дека во целиот изминат период, финансискиот сектор ги следеше сигналите на Народната банка.
-Како што ние ја намалувавме основната каматна стапка, така и банкарскиот систем ги намалуваше активните каматни стапки, што резултираше со поповолни услови за кредитирање и зголемена побарувачка и од страна на корпоративниот сектор и од страна на населението. Секако тоа значеше и значајна поддршка за економскиот раст кај нас, посочува Ангеловска-Бежоска.