Во земјава нема голем процент на екстремна сиромаштија, но има луѓе кои живеат на дното, неактивни, ниту на пазарот на трудот, ниту во општествените текови, а има и долгорочно невработени луѓе со квалификации што во текот на годините ја изгубиле можноста да дадат придонес.

Ова го изјави денеска Билјана Дуковска, претседателка на Македонска платформа против сиромаштија по повод Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата, додавајќи дека за вторите итно треба да се најде механизам да се вклучат во сите општествени текови првенствено на пазарот на труд.

– Оваа година навршуваат 30 години од донесувањето на Конвенцијата за заштита на детските права и Денот за искоренување на сиромаштија потврдува дека е неопходно да инвестираме во здрав, навремен, квалитетен детски развој за да можеме да градиме успешни идни генерации. Да внимаваме како се однесуваме со детските животи, да не дозволиме тие да живеат во сиромаштија, да им обезбедиме соодветно домување, квалитетно образование и да имаме квалитетна социјална заштита што ќе ги зафати нив и нивните семејства за да не дозволиме да се создаваат нови генерации сиромашни луѓе во оваа држава, нагласи Дуковска.

Зоран Биковски од невладината организација КХАМ од Делчево вели дека сиромаштија не значи само закон за социјална заштита, туку и отсуство на пристап до здравствени политики, до младинска гаранција, до отворање нови работни места.

– Она што посебно не загрижува е дека се уште немаме добро владеење на правото, немаме правилна имплементација на законите што ги донесуваме во нашата држава. Имаме регионално осиромашување, односно во Пијанечко-малешевскиот регион се уште нема ниту една странска инвестиција што ќе овозможи луѓето што се корисници на гарантиран минимален приход да бидат активирани на пазарот на трудот, рече Биковски, додавајќи дека имаме проблем и во делот на поттикнување на вработувањето на локално ниво.

Посочи дека ако во законот стои дека сите корисници на гарантиран минимален приход, пред се нивните деца се ослободени од партиципација тоа треба да значи и бесплатен пристап на здравствени услуги.