Селекторот на македонската фудбалска федерација Игор Ангеловски очекува сигурна победа против Лихтенштајн и продолжување на добрата игра на неговите избраници.

– Сакаме да ги освоиме трите бода и да продолжиме таму каде што застанавме. Очекувам победа против Лихтенштајн, уште подобро и ако победиме со допадлива игра, изјави Ангеловски.

Предводникот на „црвено-жолтите“ нема големи промени на списокот на повикани во однос на претходните дуели со Гибралтар и со Ерменија.

– На позицијата трет голман се враќа Шишковски, а повратници во тимот се Адеми и Хасани, со кои се зголемува конкуренцијата во средниот ред. Дарко Велковски е единствениот играч под знак прашалник, поради повреда на бутниот мускул, соопшти Ангеловски.

Македонија на 13 октомври во Скопје игра со Лихтенштајн во 3.коло од Лига на Нации, додека на 16 октомври и гостува на Ерменија.