Државата цени дека најбрзиот, наједноставниот и најевтиниот начин да обезбеди базна енергија на подолг рок е преку нуклеарната централа Белене во Бугарија и вклучување во нејзината изградба, вели вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, но, тоа според него е далеку од реализација.

– Бугарската страна објави повик, во кој практично бара партнери на тој проект. Ние како држава веројатно треба да го видиме нашиот интерес да учествуваме во таков објект, бидејќи со тек на време ние ќе ја губиме нашата базна енергија, немајќи јаглен, изјави Анѓушев.

Појаснувајќи дека базна енергија се произведува од јаглен, гас или гориво и оти други извори не постојат, вицепремиерот нагласи дека, токму затоа пројавиле интерес за учество во Белене.

– Но се уште концептот и од бугарска страна не е јасен, и тие немаат до крај изградено финансиска конструкција ниту структура на заинтересирани страни. Гледам дека целиот регион изразува интерес за учество во тој проект. Мислам дека е многу далеку да се зборува за некоја конкретна реализација, рече Анѓушев.