Бројките го покажуваат историскиот успех на реалната економија, изјави синоќа во Кавадарци вицепремиерот Кочо Анѓушев, кој додаде дека за 2,5 години се вработиле 54.000 луѓе во Македонија.

– Претходно за 5 години, претходната власт донесе вкупно 23 странски инвестиции. Сега за само 2,5 години ние донесовме 30 странски инвестиции. Тоа се бројки со кои треба да се гордееме, истакна Анѓушев на трибината на СДСМ „На прав пат“ во Кавадарци.

Тој додаде дека минатата недела била пуштена една фабрика, а следната недела уште една, како и дека сега се граделе 15 фабрики.

– Во 2,5 години се вработија 54.000 луѓе. Тие не се во администрација туку се вработени во инвестираните капацитети во државата, продолжи Анѓушев.

Вицепремиерот рече дека „денес имаме просечна плата која е над 25.000 денари“.

– Платата порасна за две години за 10 посто. Во дел тоа можеби се должи на порастот на минималната плата, но во суштина тоа го направи реалната економија и развојот на пазарот на трудот, преку отворање на работни места, каде истовремено расте конкурентнста и се качуваат платите, рече Анѓушев.