Повеќе од 75 отсто од анкетирани поддржуваат воведување каква било форма на воена обука во Хрватска, покажува најновото истражување објавено вечерва на Хрватската радио телевизија (ХРТ).

И додека 75,5 отсто од анкетираните поддржуваат некаква форма на воена служба, нешто повеќе од 20 отсто од нив не поддржуваат, а четири отсто одговориле дека не знаат.

Како причина за отворање на дискусијата за воведување воена обука, околу 61 отсто од испитаниците ја навеле влошувањето на безбедносната состојба и конфликтите во светот, а околу 20,5 отсто од нив сметаат дека станува збор за предизборната кампања во Хрватска.

Околу 5,5 отсто од анкетираните сметаат дека причината е вооружувањето на Србија и воведувањето воена служба во таа земја, пренесе ХРТ. Речиси 54 отсто од испитаниците одговориле дека треба да се воведе воена обука за мажи, а 14 отсто дека таа треба да биде задолжителна и за мажите и за жените. Што се однесува до должината на воената обука, мнозинството од испитаниците, околу 45 отсто од нив сметаат дека таа треба да трае шест месеци, а 30 отсто од нив три месеци додека 15 отсто од нив се одлучиле за една година обука.

Повеќе од 30 отсто од анкетираните сметаат дека воената обука е добра за градење карактер, а околу 24 отсто за националната безбедност.

Меѓу причините против воената регрутација, повеќето од анкетираните се изјаснија дека треба да има слобода на избор и можност за повикување на совеста и затоа професионалната армија е поефикасна, дека служењето задолжителен воен рок е бесмислено малтретирање на младите и непотребен трошок.

Десет проценти сметаат дека членството на Хрватска во НАТО е доволна заштита. Истражувањето за HRating врз 1.000 испитаници беше спроведено од 24 до 26 јануари.

Фото: МИА архива