Рејтингот на американскиот претседател Џо Бајден дополнително се намали оваа недела и е блиску до најниското ниво во неговиот мандат, покажува истражувањето на Ројтерс и на Ипсос.

Дводневната национална анкета покажа дека 40 отсто од Американците ја одобруваат работата на Бајден, наспроти 41 отсто минатата недела.

Рејтингот на американскиот претседател падна на 36 отсто во мај и јуни, поттикнувајќи ги очекувањата дека неговата Демократска партија би можела да ја изгуби контролата врз Претставничкиот дом на САД во ноември, а можеби и врз Сенатот.

Бајден ја презеде функцијата во јануари 2021 година, среде пандемијата Ковид-19, со неговиот мандат нарушен од економските последици од глобалната здравствена криза, вклучително и високата инфлација. Последното истражување на Ројтерс и Ипсос, спроведено онлајн во САД, беше засновано на одговори од 1.003 возрасни, вклучувајќи 448 демократи и 383 републиканци.

Како што објавивме вчера, Бајден објави дека има намера да се кандидира за втор претседателски мандат во 2024 година, јави Ен-Би-Си.

Според медиумот, за време на приватен разговор со активистот за граѓански права Ал Шарптон во септември, Бајден му рекол дека се подготвува повторно да го стори тоа, мислејќи на неговата кандидатура за претседател.