Во емисијата Објектив на МРТ беше презентирана најнова анкета од ИПИС со споредба на трендовите во февруари во однос на јануари. Анкетата се однесуваше на изборните единици 1 и 5.

Од истражувањето може да се забележи дека разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ продолжува да се зголемува.

На прашањето „за која партија би гласале на претстојните избори?„ во изборната единица 1 најмногу , 21,1% од испитаниците одговориле за ВМРО-ДПМНЕ што е за половина процентен поен повеќе од минатиот месец. На второ место е СДСМ со 10,1%, што во исто време значи намалување за речиси 0,5% од минатиот месец, па потоа следат ДУИ со 6,8%, Левица со 5%, Европскиот сојуз за промени со 4,5%, движењето ЗНАМ со 2,9% и Алијансата за Албанците со 1,8%. Во февруари 13% од испитаниците одговориле дека нема да гласаат за ниедна партија, 25% не сакале да кажат, а 8,4% не знаеле или немале одговор.

Во петата изборна единица трендовите во февруари се слични како и во ИЕ1. Најголем број граѓани со поддршка за ВМРО-ДПМНЕ, 22,1% што е за два процентни поени повеќе од минатиот месец кога 19,8% се изјасниле дека би ја дале својата поддршка за најголемата опозициска партија. СДСМ од друга страна бележи намалување на својот рејтинг за половина процентен поен во февруари во споредба со јануари, односно сега рејтингот изнесува 13%, а по нив следат ДУИ со 6,7%, Левица со 3,5%, Алијансата за Албанците со 2,9%, Европскиот сојуз за промени со 2,3%, и движењето ЗНАМ со 2,5%. Во петата изборна единица 15,4% од испитаниците одговориле дека нема да гласаат за ниедна партија, 23,4% не сакале да кажат за кого ќе гласаат, а 7,7% не знаеле или немале одговор.

На прашањето пак, „која партија сметаат дека ќе победи на следните парламентарни избори?„ испитаниците во првата изборна единица најмногу одговориле дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде победникот со резултат 32%, за СДСМ се изјасниле 10,4%, а потоа следат ДУИ со 6,4%, Европскиот сојуз за промени со 4,4% и Левица со 4,6% од испитаниците кои сметаат дека Левица ќе биде победникот на следните избори. На истото прашање во ИЕ 5, 31% од граѓаните кажале дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде победникот, 13,2% дека тоа ќе биде СДСМ, ДУИ со 6,3%, Европскиот сојуз за промени со 2,3% и Левица со 3,8% од испитаниците кои сметаат дека тие ќе бидат победниците на изборите.