Европската комисија е загрижена поради заканата од шпионажа од страна на кинеската компанија Хуавеј и други кинески технолошки компании, изјави европскиот комесар за дигитален единствен пазар Андрус Ансип.
Ансип истакна дека кинеските компании имаат правила кои ги обврзуваат да соработуваат со тајните служби.
– Да, ние треба да се плашиме од овие ризици, изјави тој, коментирајќи ги обвиненијата за електронска шпионажа против оваа компанија.
Во однос финансиската директорка на Хуавеј, Менг Ванжу, која беше уапсена на 1 декември во Канада, тој изјави дека Европската комисија знае многу малку за тој инцидент.
Менг, која е ќерка на основачот на кинеската компанија Хуавеј, Рен Женгфеи, е уапсена поради наводно кршење на американските санкции и и се заканува екстрадиција во САД, што би можело да ги закомплицира трговските преговори помеѓу Пекинг и Вашингтон.
За САД, Хуавеј и другите кинески компании се можен параван за кинеска шпионажа.