Според проф. д-р Милан Бошкоски од Институтот за национална историја во Скопје, македонското античко, историско, културно и етничко наследство, во однос на континуитетот на имињата Македонија и Македонци, сосема е неспорно и е сублимирано во македонското средновековно културно, историско и етничко право на името Македонија и Македонци, што се гледа од богатата средновековна изворна документација.

Пишува: Блаже Миневски

Иако во 148 година п.н.е Македонија била претворена во римска провинција, со постојан  римски провинциски намесник, границите на провинциите Македонија Прима и Македонија Секунда сепак повеќе или помалку останувале внатре, во историско-географските граници на Македонија. Во 297-та година, за време на владеењето на римскиот император Диоклецијан, била извршена нова административна реформа, а римското царство било поделено на 12 големи диецези, кои, пак, биле составени од 100 провинции. Се смета дека со овие реформи од дотогашната провинција Македонија биле формирани три нови провинции: Тесалија, Нов Епир и Македонија. Подоцна, кон крајот на 5-от век, имало нови административни промени во Византија, можеби како последница на пропаѓањето на Западното римско царство во 476-та година. Латинскиот хроничар Комес Морцелин, кој живеел во Константинопол, и бил секретар  на  Јустинијан Први пред да биде крунисан за цар, во записот за  482-та година известува дека готскиот крал Теодорих по наредба на својот чичко Валамер „ги опустошил двете Македонии и Тесалија“, а во записот од 517-та година пишува за нови напади во кои повторно ‘биле опустошени двете Македонии и Тесалија а готските коњаници ограбувале дури до Термопилите и до Стар Епир’.

Фактот што во ова време се спомнуваат две Македонии може да значи дека покрај постоечката провинција Македонија Прима повторно била формирана и Македонија Салутарис, односно била обновена втората Македонија. Кога настанала оваа промена не се знае точно, но се претпоставува дека тоа се случило помеѓу 479-та и 482-та година. Потврда за ваквото тврдење се наоѓа во списот на византискиот историчар Малхус, кој во 479-та година споменува дека „и првата престолнина на Македонија, градот Стоби бил опустошен од Готите“.

Подоцна, на прагот на 6-от век територијата на Македонија во нејзините историско-географски и етнички граници, како составен дел на  Византиското царство, во административен поглед, влегувала во рамките на перфектурата Илирик. Последен пат Македонија Прима и Македонија Секунда заедно, како две провинции, се спомнати во 535-та година во 11-та новела на царот Јустинијан Први по повод назначувањето на Кателијан за архиепископ во нововостановената Архиепископија Јустинијана Прима.

Како Македонија станува Склавинија?

По населувањето на Словените во Македонија паралелно со терминот Македонија  се промовира нов термин Склавинија. Во тоа време територијата на Македонија главно е вклопена  во провинциите Средоземна Дакија и Дарданија. Веќе по 550- година новите кризни состојби на дунавската граница налагале поинаква административна поделба која ја извршил царот-реставратор. Имено, при набројувањето на обновените тврдини и градови од страна на цариот Јустинијан Први, византискиот дворски историчар Прокопиј, Македонија ја спомнува како провинција во историско-географски граници, покрај  провинцијата Дарданија, во која влегувал и дел од  денешна северна Македонија. Многу поинтересни согледувања околу терминот Македонија и Македонци дава списот „Чудата на свети Димитрија Солунски“ од втората половина на 7-от век од перото на солунскиот митрополит Јован.

Овде Македонија, значи во втората деценија на 7-от век, веќе не се споменува во нејзиното провинциско, туку, вообичаено, иако поретко, во нејзинито географско значење. Тоа е, пред сé, поради населувањето на Словените на територијата  на Македонија и сé позачестените користења на термините Склавинија за областите населени со Словени. Поради изменетата етничка структура дошло до поинакво именување на територијата на Македонија и на жителите. Византискиот хроничар Теофан Исповедник, кој е роден околу 760-та година во угледно семејство во Константинопол, во своето дело „Хронографија“, напишано меѓу 810-та и 815-та година, а кое го опфаќа периодот од  284-та до 813-та гидина, зборувајќи за  населувањето на Словените на Балканскиот Полуостров, односно во Македонија, а  во доста голем број и на територијата на Грција се до Пелопонез, воопшто не го спомнува терминот Македонија.

Областите  кои ги населиле Словените на Балканот и Македонија тој ги нарекува со заедничко име Склавинија, додека жителите на Скалвиниите ги нарекува Словени. Под терминот Склавинија, пак, Теофан Исповедник подразбира област населена со Словени. Освен општиот термин Склавинија, односно Склавини за Словените кои се населиле во Македонија, зборувајќи за византиската  воена  акција во 658-та година, Теофан на двапати зборува и за склавинијата Берзитија, односно територијата на словенското племе Берзити, за која се спомнува и некаков нејзин кнез. Ова укажува дека во централна Македонија веќе била создадена првата словенска државна творба под името Берзитија, смета проф. д-р Бошкоски. Кон крајот на 8-ми век и почетокот на 9-ти век, Византија ја формирала темата Тракија, првата тема во европскиот дел на своите владенија, а набргу во Западна Тракија била формирана и темата  Македонија.

Во науката аргументирано се тврди дека формирањето на темата Македонија во Тракија било извршено претежно од побегнатите жители од Македонија, односно Македонците.

Кога Словените почнале да се именуваат како Македонци?

По слабеењето на тематскиот систем во Византија, особено во 12-ти век, поимот Македонија во неговото административно значење сé помалку бил во употреба, односно под влијание на класицизмот се враќа поимот Македонија во неговото класично, историско-географско значење. Оттогаш постепено терминот бил употребуван не само за означување на територијата на Македонија во нејзиното античко значење, туку зачестила употребата од страна на нејзините жители, за кои во изворите се потенцирало дека се од Македонија или дека се Македонци. Ваквото именување постепенено го прифатиле и новите жители Словените, кои според територијата,  но и  според народот што го претопиле,  самите почнале да се именуваат како Македонци:

„Каков бил односот на Словените кон староседелците Македонци, и како продолжило нивното понатамошно живеење, всушност е прашање што се поставува секогаш кога се зборува за континуитетот на Македонците. Староседелците во Македонија, во време кога Словените го населиле овој простор главно биле мешавина од остатоците на старите Македонци и многубројните романски и ‘варварски’ колонисти, кои се стопиле во доминантната словенска маса. Значи, според бројни историски факти, со сигурност може да се каже дека античките Македонци всушност се претопиле во словенското море и, според проф. д-р Стјепан Антолјак, „името на Македонците преминало во меморијата на новонаселените Словени, кои почнувајќи од 10-от век и од страна на византиските автори биле нарекувани Македонци“.

Меѓусебното културно-цивилизациското влијание помеѓу староседелците и Словените бил подолготраен процес од што прво произлегла христијанизацијата на Словените, мешањето на обичаите и наметнувањето на името Македонија за Словените што ја населиле, а подоцна,  постепено, низ Средниот век се наметнало и името Македонци за жителите кои ја населиле Македонија. Староседелците, кои полека се изгубиле во словенското мноштво, го примиле јазикот на дојденците, азбуката која била создадена, прво глаголицата, а потоа кирилицата, при што во долготрајниот етногенетски процес низ Средниот век се формирал современиот македонски народ и соврмениот македонски јазик. Првото спомнување на името Македонија  поврзано со Македонските Словени е кај Анастасиј Библиотекарот а е поврзано со византискиот воен поход против Словените  во 759-та година.

Анастасиј сосема јасно ги разликува Словените од Бугарите, како и византиската административна единица, односно темата Македонија, од Македонија во нејзиното античко значење, сега е населена со Словени. Тој пишува дека „во осумнаесеттата година од своето царување, Константин ги заробил склавиниите во Македонија, а останатите ги покорил“. За употребата  на името Македонија во почетокот на 9-от век особено интересно е сфаќањето на  византискиот цар Михаил Втори. Во писмото од 10-ти април 824-та година упатено до императорот на Светата римска империја, Лудовик Благочестивиот, византискиот цар известува  за настани кои се случиле во времето на неговото владеење.

Византискиот цар го известува Лудовик за тешките трауми што ги доживеало Византиското царство за време на Тома Словенот од 820 до 824-та година, пишувајќи дека „откако ги собра нашите  кораби и дромони, имаше можност да дојде во делови на Тракија и Македонија. Доаѓајќи таму тој го опседна нашиот град, – се мисли на Константинопол, – и го опколи со флотата во декември 821 година. Понатаму во писмото се истакнува дека Тома Словенот во своите редови имал многу востаници од различни области, меѓу кои и од „краиштата на Мизија, Европа, Тракија, Македонија, Тесалија и од Склавиниите, кои беа наоколу“. Исто така и Јован Каменијат, свештеник од Солун и византиски писател, во своето дело „За заземањето на  Солун“ од страна на Арапите во 904-та година, како сведок на настаните меѓудругото запишал драгоцени податоци за Македонците.

Опишувајќи ја околината на Солун, авторот дава извонредни податоци за Драгувитите и Сагудатите, кои биле под управа на градот Солун, потоа за Струмјаните, кои живееле  подалеку, но и за другите племиња, како и за нивните односи со Византија и византските власти. Во ова свое дело тој констатира дека  словенските племиња само формално ја признавале византиската власт“, вели д-р Бошковски.

Константин Перфирогенит пред 13 века ниту еднаш не го употребил терминот Бугари за Македонците!

Според Константин Порфирогенит „темата Стримон се присоедини на Македонија, и за неа никаде не станува збор како за тема туку се вбројува во редот на клисурите. Неа ја користат Скити, наместо Македонци, откако нив Јустинијан Риномет ги преселил во планините на Струма и приодните клисури“. Спомнувањето на Македонците кон крајот на седми век во областа Стримон е втор податок за  нивното опстојување во Македонија, како Македонци. Истиот автор пишува дека „Тесалоника која е уредена како тема, исто така е дел на Македонија: „И за да не ги наведувам туѓите и старите свидетели за таа работа, вели тој, веродостоен свидетел е Христовиот свети апостол Павле кој ја нарекува Македонија. Тој пишува вака: ’Со нас беше Аристарх, Македонец од Тесалоника’, а Тесалоника е метропола на Македонија, која во македонските градови ја става и граматикот Хиерокле“.

Важно е и тоа што Константин Перфирогенит ниту еднаш не го употребил терминот Бугари за македонските Словени, односно за Македонците кои биле под бугарска власт во негово време, со што јасно ги разграничува Македонците од Бугарите. Тој за Словените во Македонија ги употребува термините Словени, Скити и варвари, а доследен и е при употребата на поимот Македонија како земја која ја населиле  Словените, притоа игнорирајќи го поимот Бугарија за териториите кои Бугарите  ги освоиле од Македонија.Византискиот историчар Лав Ѓакон напишал историја во 10 книги, која го опфаќа периодот од 959-та до 976-та година, но пишува и за настани кои се случиле до 989-та  година. Се разбира дека во пишувањето користел мноштво антички и рановизантиски автори на кои се повикува во своето дело. Меѓудругото, во една од своите десет книги, има детален опис на битката кај Трајановата врата од 17 август 986-та година кога македонската војска предводена од Арон и Самоил извојувала блескава победа над византиската војска која ја предводел царот Василиј Втори.

Притоа Лав Ѓакон жителите на  средновековна  македонска држава, чиј прв владетел бил Самоил, ги нарекува Скити и Мизи, а не Бугари, додека оние што биле под Византија останале Македонци. Византискиот историчар Јован Скилица опишувајќи го земјотресот што се случил во 1037-та година пишува: „Во 6546 (1037), 6-ти индикт, на втори ноември, се случи земјотрес во десет часот дента и земјата продолжи да се тресе дури до крајот на месец јануари. Настана глад во Тракија и Македонија, Стримон и Солун, дури до Тесалија“. Во редицата византиски автори, кои го користат името Македонија и Македонци за словенското население кое го населило овој историско-географски простор на Македонија, е и учениот византиец Ефраим, кој во 1313-та година напишал хроника во која, пишувајќи за навлегувањето на Норманите во 1185-та година, ќе констатира дека го „зазеле градот Солун, метрополата на Македонците“. Значи, метропола на Македонците, а не Грците, а притоа станува збор за почетокот на 13-ти век, кога во Солун веќе живееле Македонските Словени“. Според тоа сосема е јасно дека Солун, како прв град во земјата на Македонците е спомнат не само во неговото античко, туку и во современото значење за 14-ти век.

Што се однесува до Јован Кантакузин, кој е роден 1295-та година, а  византиски цар бил од  1347-та до 1354-та година, треба да се каже дека, освен што бил талентиран војсководец и извонреден државник, тој исто така е и најистакнат византиски писател од 14-от век. Тој во своите дела мошне конкретно и прецизно ги користи поимите Македонија и Македонец. Според Кантакузин, царот Андроник Трети кон крајот на 1327-та година, заедно со него како доместик, „откако го зеде преостанатиот дел од војската ( дел оставил во Тракија) се упати кон Македонија за да се бори таму со војсководачите на стариот цар од западните области“, но набрзо бил известен дека војските на стариот цар Андроник Втори и сојузничката војска на Србите „се улогорила кај македонските градови Филипи и Драма“.

Според проф. д-р Милан Бошкоски од Институтот за национална историја во Скопје, имињата Македонија, Македонци, македонски постепено се наметнувале како единствени имиња за народот, територијата и јазикот што се зборувал на територијата на класична Македонија. Постепено низ Средниот век територијата на која живееле македонските Словени, како доминантно население, од страна на другите, но и од самите жителите била именувана како Македонија, а луѓето што живееле на тој простор, особено од 14-ти век наваму, веќе и самите себеси се именувале како Македонци. Во византиските извори од 14-ти век областите во Македонија редовно се именувани со името Македонија или биле користени термините  македонски области и македонски градови. Во секој случај, Македонците не се од вчера па некој да ги третира како пилиштарци, да им навива часовници и да им кажува што да прават и како да прават за да се уништат самите себеси во дваесет и првиот век.